четврток, 4 јуни 2026

Членови на управните тела на АСЈО земале пари без да има седници, им било плаќано и за непосточека прекувремена работа, откри ДЗР

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил дека Академијата за судии и јавни обвинители во 2024 година работела неправилно при исплатата на надоместоци, прекувремената работа, јавните набавки и користењето на буџетските средства. Во извештајот што беше објавен денеска уште се наведува дека, иако финансиските извештаи се реални и објективни, ревизорите констатирале дека утврдените состојби довеле до дополнителни трошоци за буџетот, додека други создаваат ризик од ненаменско трошење на јавните пари и непочитување на законските процедури.

Објавено на

часот

Сподели

Еден од најсериозните наоди се однесува на исплатите на членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет на Академијата.

Надоместоци исплаќани и кога немало седници

Според ревизијата, на членовите на Управниот одбор во текот на 2024 година им биле исплатени речиси два милиони денари надоместоци (околу 32.000 евра), но, исплатите не биле врзани за реалното присуство на седниците, како што предвидува законот.

Ревизорите утврдиле дека во одредени случаи надоместоци биле исплаќани дури и пред да се одржи седницата за која се однесувале, а пари добивале и луѓе кои воопшто не присуствувале на состаноците.

Слична состојба е утврдена и кај Програмскиот совет. За неговите членови биле исплатени над 1,5 милиони денари (околу 25.000 евра), при што дури 747 илјади денари (околу 12.000 евра) се однесуваат на месеци во кои воопшто не биле одржани седници.

„Во правилникот е уредено дека во месеците кога Програмскиот совет нема активности, фиксниот надомест коj им се исплатува на членовите изнесува 50 отсто од максималниот надоместок. Останатите 50 отсто од максималниот надоместок утврден претходно, членовите на Програмскиот совет го добиваат по учинок за тековниот месец и тоа за извршување на определени активности. Утврдивме дека во месеците кога не се одржани седници исплатените средства се 100 отсто од максимално утврдениот износ“, се наведува во ревизорскиот извештај.

За задоцнета обука, исплатени 33.000 евра повеќе од буџетот

Од ДЗР нашле и неправилности во реализацијата на почетната обука за осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители. Според законските рокови, практичната обука требало да заврши до крајот на јули 2024 година. Наместо тоа, обуката траела до октомври истата година. Ова тримесечно пролонгирање, според ревизорите, довело до дополнителни трошоци од 2,113 милиони денари (околу 33.000 евра). Од оваа сума, 1,822 милиони денари (безмалку 33.000 евра) биле исплатени на ментори, а дополнителни 291 илјада денари на координатори (скоро 5.000 евра).

„Дел од договорите за изведување на практична настава – менторирање се склучени по изминување на периодот на менторство што не е согласно Законот за облигациони односи. Статусот, правата и обврските на координаторите се утврдени со

Правилникот за практична настава во почетна обука, но не е со Законот за судии и јавни обвинители. Со увид во документацијата утврдивме дека за 111 координатори во 2024 година исплатени се вкупно 970 илјади денари (скоро 16.000 евра)“, велат од ДЗР.

Дополнително, дел од договорите со менторите биле склучени откако веќе завршил периодот за кој тие требало да ги извршуваат своите обврски.

Прекувремена работа над законскиот максимум

Ревизорскиот извештај открива и неправилности во исплатата на прекувремена работа. За тројца вработени биле евидентирани вкупно 864 часа прекувремена работа, што е за 294 часа повеќе од законски дозволениот максимум. Освен тоа, Академијата не го известила подрачниот инспектор на труд за воведување прекувремена работа, иако тоа е законска обврска.

Ревизорите откриле и необичен случај во кој на едно вработено лице му бил исплатен додаток за прекувремена работа во денови кога истовремено било на службено патување во странство и му биле исплатени дневници.

Во друг случај, прекувремена работа била исплатена за ден кога лицето присуствувало на седница на Управниот одбор одржана во рамки на редовното работно време.

Во извештајот посебно внимание е посветено и на ангажирањето координатори во процесот на практичната настава. Иако нивниот статус е предвиден со интерни акти на Академијата, ревизорите укажуваат дека тие не се предвидени во Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Сепак, во текот на 2024 година биле ангажирани 111 координатори, на кои им биле исплатени вкупно 970 илјади денари (скоро 16.000 евра).

Ревизијата заклучува дека утврдувањето права и надоместоци преку интерни акти, без законска основа, отвора прашања за (не)наменското трошење на буџетските средства.

Дополнително, Академијата формирала комисии за оценување на практичната настава и на нивните членови им исплатила 353 илјади денари надоместоци (околу 6.000 евра).

Според ревизорите, законот не предвидува право на надоместок за вакви комисии, што значи дека исплатите биле извршени без јасна законска основа.

Гориво за приватни возила без евиденција

Ревизијата утврдила пропусти и во користењето на вредносни картички за гориво.

Во текот на годината биле набавени картички во вредност од 325 илјади денари (нешто повеќе од 5.000 евра). Дел од нив биле доделени на членови на комисии за приемен испит и биле користени за точење гориво во приватни возила.

„Во Академијата не е донесен акт со кој би се уредил начинот на нивното користење и не е воспоставена евиденција односно задолжување на лица од која ќе може да се утврди на кого и за која цел се издадени картичките за гориво. Ваквото постапување не е во согласност со Законот за извршување на буџетот каде е наведено дека буџетските корисници се обврзани да ги користат средствата наменски, како и со Правилникот за надоместоци, каде е наведено дека надоместокот на патни трошоци за комисии се утврдува согласно растојанието од местото на редовно извршување на работите и работните задачи и седиштето на Академијата во висина на вистинските трошоци за јавен превоз, а доколку не постои таков, надоместокот на патни трошоци во висина на вистинските трошоци и влијае на наменското користење на буџетски средства“, се посочува во извештајот на ДЗР.

Во делот на јавните набавки ревизорите идентификувале повеќе проблематични ситуации. Кај набавката на кетеринг услуги било утврдено дека во тендерската документација бил поставен услов понудувачот да располага или да соработува со ресторан од прва категорија со четири ѕвезди и капацитет од најмалку 60 лица.

Ревизорите оценуваат дека ваквиот критериум не е директно поврзан со предметот на набавката и може да ја ограничува конкуренцијата меѓу економските оператори.

Предмет на ревизија биле и јавните набавки, , а наодите покажуваат дека во текот на 2024 година биле набавени стоки и услуги во вредност од 418 илјади денари (скоро 7.000 евра) без спроведување постапка за јавна набавка. Ревизорите утврдиле и дека Академијата немала усвоен стратешки план, иако тоа е законска обврска.

Ревизорите утврдиле и сериозни слабости во системот на внатрешни контроли. Недостигале процедури за користење службени возила, за исплата на дневници за службени патувања и за располагање со средства од благајната. Исто така, не биле јасно распределени одговорностите за контрола на финансиската документација и следење на реализацијата на договорите за јавни набавки.

Од ДЗР забележуваат дека дел од констатираните слабости биле надминати за време на ревизијата.

ДЗР дал позитивно Државниот завод за ревизија даде позитивно мислење за финансиското работење на самофинансирачката сметка на Академијата за судии и јавни обвинители, но предупреди дека треба да се преиспита законската оправданост на наплатата на надоместокот за полагање приемен испит.

„Според наше мислење, финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба на Академија за судии и јавни обвинители на ден 31 декември 2024 година на сметката на самофинансирачки активности, како и резултатите од финансиските активности за годината која завршува со тој датум, во согласност со важечката законска регулатива. Активностите, финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи на Академија за судии и јавни обвинители, за 2024 година, на сметката на самофинансирачки активности, се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“, заклучува ДЗР во денеска објавениот извештај за работата на Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ