Во случајот „Насилство во Центар“, изречена е затворска казна од една година и шест месеци, чие извршување застарува на 10 септември 2027 година. За предметот „Плацеви на Водно“, пак, определена е единствена казна затвор од девет години, со рок на застарување на извршувањето до 14 февруари 2043 година.
Дополнително, за истиот предмет е изречена и парична казна која не е наплатена, поради што е заменета со затворска казна од 180 дена. Извршувањето на оваа казна застарува на 14 февруари 2027 година.
Во однос на предметот „Тенк“, од Судот информираат дека извршувањето на двегодишната затворска казна е застарено на 16 октомври 2024 година, согласно одредбите од Кривичниот законик. Со пресудата, која станала правосилна на 4 октомври 2018 година, Груевски беше осуден за кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Апсолутната застареност за извршување на казната настапила на 4 октомври 2024 година, по што судот по службена должност донел решение за запирање на извршувањето.
Во меѓувреме, против Груевски се водат и други судски постапки во отсуство, бидејќи тој не е достапен за органите на прогонот. Станува збор за предметите „Титаник“ и „Талир 2“, кои се сѐ уште активни.






