Портпаролот информира дека во Велес продолжи „Летната кампања 2021″ на МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот и на патиштата, која има за цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, нагласувајќи дека особено во летниот период од годината треба да се потсети на ризикот од влијанието на заморот врз способноста на возачите, но и за последиците што можат да настанат од пребрзото возење и управувањето возило под дејство на алкохол.
„Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата во изминатиот период организираа сообраќајно едукативни активности во повеќе градови, на наплатните станици вдолж автопатиштата и на граничните премини на кои што возачите беа информирани и едуцирани за потребата од максимално, целосно и безусловно почитување на сообраќајните правила и прописи“, рече Ангеловски.

Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП, апелираше до сите учесници во сообраќајот, да не го потценуваат заморот и крајот на летото затоа што температурите се уште високи, фрекфенцијата во сообраќајот е на високо ниво и потребна е максимална концентрација и внимателност во сообраќајот.
„За своја лична безбедност, за безбедноста на своите најблиски и воопшто за севкупната безбедност во сообраќајот, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи, правете чести паузи и возете одморени”, рече Кожуваровска.
Портпаролот на МВР Ангеловски потенцира дека по спроведувањето на овие превентивни и репресивни акции има сериозно намалување на бројката на жртви на патиштата овој месец споредено со август во минатите години и нагласи дека 2020 беше година со најмал број на жртви, но тенденцијата е овој број и оваа година да се намалува.

“Им благодарам на граѓаните што ги почитуваат сообраќајните прописи и така придонесуваат за побезбедни патишта. Особена благодарност до полициските службеници, кои и во периодите на пеколни горештини, на температури над 40 степени, посветено работеа и работат на целта да обезбедиме што е можно побезбедни патишта. Токму летниот период во годините наназад е период со најмногу жртви на патиштата, а бројките што до сега ги имаме покажуваат сериозно намалување на бројот на жртви во август 2021 година. За оние пак кои и понатаму не ги почитуваат законите, МВР продолжува со засилените контроли, а со нивното санкционирање да влијаеме и тие да ги почитуваат правилата и да ни се приклучат во целта-што е можно побезбеден сообраќај“, порача портпаролот.
Ангеловски информира дека во текот на вчерашниот ден 490 возачи се казнети поради пребрзо возење, а од нив 61 на територија на СВР Велес. За возење под дејство на алкохол санкционирани се 148 возачи, од кои 40 на територија на СВР Велес”, соопшти Ангеловски.






