Најмалку 12 лица загинаа, а 32 се повредени во денешниот бомбашки напад врз џамија во Кабул, објави катарска Ал џезира, повикувајќи се на извор во авганистанската безбедносна служба.
Бомбата била фрлена врз големата џамија Ајџа (Еидгах) во Кабул, каде што се одржал парастос за мајката на портпаролот на талибанците Забидула Муџахид, кој подоцна на Твитер објави дека во нападот загинале цивили, но не го наведе бројот. Во џамијата тогаш биле присутни талибанските лидери, претставници на министерството за одбрана.
Болницата во Кабул управувана од италијанска хуманитарна организација на Твитер објави дека примила четири лица повредени во експлозијата.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан кон средината на август, нападите од милитантите на Исламска држава се зголемија.
Исламска држава, која го задржа присуството во источната провинција Нангархар и ги смета талибанците за непријатели, претходно ја презеде одговорноста за неколку напади, вклучително и за убиства во Џалалабад.
Во исто време, зголемувањето на бројот на нападите ја зголеми можноста за поширок конфликт меѓу двете групи.






