Трамп на Трут соушл објави дека откако иранскиот брод Туска ги игнорирал предупредувањата да застане, ракетниот разорувач УСС Спруанс го запрел „со тоа што направил дупка (со проектил) во неговата машинска просторија“.
Бродот „се обиде да ја помине нашата поморска блокада и тоа не им помина најдобро. Во моментов, американските маринци имаат надзор над бродот… и проверуваат што се наоѓа на бродот“, напиша Трамп.
Американската команда за Блискиот Исток (ЦЕНТКОМ) објави снимки на кои се гледа како американски маринци упаѓаат на товарниот брод Туска, кој плови под иранско знаме, од хеликоптери.
Снимките ги прикажуваат војниците како полетуваат од амфибискиот јуришен брод УСС Триполи, а потоа се спуштаат со јажиња до палубата на бродот и ја преземаат контролата. Американската војска вели дека со часови претходно го предупредувала екипажот.
„Американските сили издадоа повеќe предупредувања и го известија бродот под иранско знаме дека ја крши американската блокада“, се додава во објавата, која вклучуваше и видео на кое наводно се гледа aмериканската воена акција.
Според истите информации, бродот бил онеспособен откако разорувачот УСС Спруанс отворил оган врз машинската просторија користејќи го бродскиот топ, со што е запрено неговото движење.
U.S. Marines depart amphibious assault ship USS Tripoli (LHA 7) by helicopter and transit over the Arabian Sea to board and seize M/V Touska. The Marines rappelled onto the Iranian-flagged vessel, April 19, after guided-missile destroyer USS Spruance (DDG 111) disabled Touska’s… pic.twitter.com/mFxI5RzYCS
— U.S. Central Command (@CENTCOM) April 20, 2026
Воената команда на Иран соопшти дека пукањето врз бродот го прекршило примирјето и се закани дека наскоро ќе одговори и ќе возврати на „вооруженото пиратство“, објавија државните медиуми.
Инцидентот се случува во услови на зголемени тензии меѓу САД и Иран, со кревко примирје кое е во сила во војната што започна кон крајот на март. Иран претходно го ограничи сообраќајот низ Ормускиот теснец, еден од клучните светски патишта за транспорт на нафта, додека САД одговорија со блокада на иранските пристаништа.
Ваквите мерки ја нарушија глобалната трговија со енергенси и дополнително ги зголемија тензиите на пазарите.
Од друга страна, останува неизвесноста околу потенцијалната втора рунда директни разговори меѓу американските и иранските делегации во Исламабад, чиј домаќин е Пакистан, откако иранските државни медиуми објавија дека Техеран нема да го испрати својот тим на денешниот состанок.
Сето ова доаѓа во време кога 10-дневниот прекин на огнот договорен меѓу Вашингтон и Техеран се ближи кон крајот во среда и додека Трамп се заканува со нови напади врз „секоја“ иранска електрана и мост.






