Овој потег доаѓа кратко по укинувањето на санкциите кон Сирија на 1 јули, а според „Москва тајмс“, американската администрација, исто така, отстранила неколку руски институции, банки и поединци од списокот на санкции, од кои некои биле поврзани со поранешниот сириски режим, но некои не.
Кој е отстранет од списокот на санкции?
Меѓу нив е Кирсан Иљумжинов, поранешен претседател на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и поранешен лидер на руската република Калмикија. Тој беше предмет на санкции од САД во 2015 година поради поддршка на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, а потоа неговите средства во САД беа замрзнати.
Според истиот извор, од списокот на санкции се отстранети и следните субјекти:
Банката Руска финансиска алијанса, во сопственост на Иљумжинов
Темпбанк, чија лиценца беше одземена од Руската централна банка во 2017 година
Бизнис банка Мир, поврзана со иранската банка Мели Иран
РФК банка (Руска финансиска корпорација), државна руска банка
Промсиреимпорт, државно претпријатие
Компании поврзани со Русија: Глобал концептс груп, СТГ Логистик, Глобал вижн груп, Меритајм асистанс
Рособоронекспорт, државен извозник на руско оружје
Иљумжинов, според „Москва Тајмс“, изразил подготвеност да се сретне со Трамп, да му се заблагодари и да играат шах. Во статијата се потсетува и на неговата ексцентричност – во 1997 година тврдел дека бил киднапиран од вонземјани, но тоа не го спречило да стане успешен бизнисмен, политичар и шаховски функционер.
Америка ги прекина испораките на оружје за Украина истиот ден
Соединетите Американски Држави денес ја прекинаа и испораката на клучното оружје за Украина, вклучително и системи за воздушна одбрана, кои беа клучни за Киев во последните месеци поради интензивирањето на руските воздушни напади.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, нареди пауза во испраќањето ракети и муниција додека е во тек преглед на залихите, инициран по повеќегодишното испраќање воена помош за Украина, но и поради американските воени операции на Блискиот Исток, вклучително и одбраната на Израел и борбата против Хутите во Јемен, според Ен-би-си.
Одлуката доаѓа во критичен момент – само неколку дена откако Украина претрпе еден од најсилните воздушни напади од почетокот на војната. Според украинското Министерство за одбрана, Русија лансирала дури 60 ракети и 477 беспилотни летала.
Американските медиуми известуваат дека залихите на воена опрема се опасно ниски, а Пентагон ја доведува во прашање долгорочната одржливост на помошта за Украина.
Според повеќе извори на Ен-би-си њуз, оружјето чија испорака е прекината е:
десетици ракети „патриот“, клучни за одбрана од руските ракети
илјадници гранати од 155 мм за хаубици
повеќе од 100 ракети „хелфаер“
повеќе од 250 системи ГМЛРС (воден систем за повеќекратно лансирање ракети)
десетици ракети за воздушна одбрана „стингер“
десетици авионски ракети „АИМ“
десетици фрлачи на гранати.
Ова оружје веќе беше одобрено како дел од пакетот за помош обезбеден од претходната администрација преку таканаречената Претседателска иницијатива за итни воени резерви и безбедносна помош за Украина. Некои од системите веќе пристигнаа во регионот, но беа запрени пред да бидат доставени во Киев, објави Ен-би-си.
Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, изјави дека „одлуката е донесена за заштита на интересите на Соединетите Американски Држави“, повикувајќи се на ревизијата на Министерството за одбрана за „воената поддршка и помош на други земји низ целиот свет“. Таа додаде: „Силата на вооружените сили на САД не е доведена во прашање – само прашајте го Иран“, алудирајќи на неодамнешните американски напади врз иранските објекти.
Самиот претседател Доналд Трамп, на прес-конференција по состанокот на НАТО во Хаг, потврди дека САД бараат ракети „патриот“ што би можеле да ги испратат во Украина. „Тие сакаат противракетни проектили. Ќе видиме дали можеме да ги добиеме“, рече Трамп, додавајќи дека на Израел во моментов му е потребно и американско оружје.
Киев предупреди дека прекинот на американската воена помош би можел да ја охрабри Русија да продолжи со војната, во време кога Украина ги трпи најтешките воздушни напади од почетокот на инвазијата и губи територија на истокот и југот на земјата.
По објавата на Белата куќа за прекин на дел од испораките на оружје за Украина, украинското Министерство за надворешни работи објави дека таквата одлука е „охрабрување за агресорот“. „Секое одложување или доцнење во поддршката на одбранбените способности на Украина само го охрабрува агресорот да продолжи со војната и теророт, наместо да бара мир“, соопшти министерството.
Кремљ ја поздрави веста за прекинот. „Колку помалку оружје добива Украина, толку е поблиску крајот на специјалната воена операција“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, според руската новинска агенција Интерфакс.
На бојното поле, недостигот од прецизна муниција би ја ограничил способноста на украинските трупи да напаѓаат руски позиции подалеку зад линијата на фронтот, вели Џек Ватлинг, воен аналитичар во британскиот Институт за воена одбрана. Во исто време, тоа ќе ги ослаби одбранбените способности на Украина. „Накратко, цената на оваа одлука ќе бидат украински животи и територија“.