„Со децении, УСАИД имаше практично неограничен буџет за промовирање на интересите на САД, економскиот развој и помагање на милијарди луѓе низ целиот свет повторно да застанат на нозе“, напиша Рубио на мрежата Сабстек.
Наместо тоа, од 1991 година, агенцијата успеа само да „изгради белосветски комплекс на невладини организации на трошок на даночните обврзници на САД“, додаде тој, по цена од над 715 милијарди долари.
„Развојните цели ретко се постигнуваа, нестабилноста често се влошуваше, а антиамериканското расположение само растеше.“
Рубио изјави дека САД се помалку популарни од Кина во Северна Африка и Блискиот Исток, иако УСАИД потроши 89 милијарди долари таму, додека остатокот од Африка гласа за резолуциите на САД во ОН само во 29 проценти од времето а добил над 165 милијарди долари помош.
УСАИД сметаше дека работи за ОН, невладините организации и „пошироката глобална заедница“, кажа Рубио, додека неговите програми промовираа антиамерикански идеали и групи, цензура и „операции за промени на режимите“.
„Беше добро само за лидерите на безброј невладини организации, кои живееја живот со пет ѕвезди на сметка на американскиот народ, додека оние на кои наводно им помагаа им стануваше сè полошо и полошо“, напиша шефот на американската дипломатијата.
Од 1 јули, УСАИД официјално престана со работа, а програмите за помош на странски земји ќе се спроведуваат преку Стејт департментот. Тие ќе мора да им служат на американските интереси и да ја следат државната политика и ќе се спроведуваат „одговорно, стратегиски и ефикасно“, напиша Рубио.
„Американските даночни долари не треба да одат кај неуспешните владетели во далечни земји. Отсега, нашата помош ќе биде насочена и временски ограничена, а приоритет ќе им се даде на земјите кои покажаа и волја и способност да си помогнат самите себеси“, додаде американскиот државен секретар.
Модел што ја цени трговијата повеќе од делењето пари, можностите за развој пред зависноста и инвестициите пред помошта, ќе им овозможи на САД подобро да се натпреваруваат со „кинескиот модел на експлоатација“ и да ги постигнат своите стратегиски цели низ целиот свет, заклучи Рубио.