Прво настапи на радиото Кошут, кое претходно секоја недела имаше резервиран термин за Виктор Орбан, и таму влезе во жестока расправија со водителот. Веднаш потоа гостуваше во емисија во живо на јавната телевизија Ем-1.
На социјалните мрежи се шири снимка од телевизиската емисија во која Маѓар ѝ рече на водителката дека ќе ја суспендира информативната програма на јавната телевизија.
Маѓар изјави дека нема лична огорченост, иако, како што рече, на јавната телевизија се навредувало неговото семејство и се ширеле лаги за неговите деца, но дека „на оваа фабрика за лаги ќе ѝ дојде крајот по формирањето на владата“.
„Веднаш ќе ја суспендираме оваа лажлива информативна програма што се одвива тука и ќе воспоставиме независни, објективни и непристрасни услови заедно со другите парламентарни партии и професионалните организации, за да престане оваа пропаганда што се одвиваше тука…“, рече Маѓар.
Ја замоли водителката да не го прекинува, па продолжи.
„Ќе создадеме услови за објективни и непристрасни медиуми. Знаеме дека нема совршени медиуми, но од ова што се случуваше тука од 2010 би се одушевил Гебелс или некој севернокорејски диктатор. Ниту еден вистинит збор не беше изговорен и тоа не може да продолжи“, рече Маѓар.
This is quite something. The new Hungarian PM goes on state TV to announce the end of state TV. pic.twitter.com/kxVMredUPI
— Alan Fryer 🇨🇦🇺🇦🇮🇱 (@alanfryermedia) April 15, 2026
Кога Маѓар искоментира дека од неделата сепак се гледаат промени, како што е преносот во живо на неговата прес-конференција, водителката дофрли: „Со оглед на тоа дека тоа ви припаѓа по функција“.
Маѓар повтори дека владата на партијата Тиса ќе исполни четири услови за пристап до фондовите на Европската Унија: приклучување кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, враќање на независноста на истражните тела, враќање на независноста и слободата на унгарските медиуми и запирање на недозволената државна поддршка за пропаганда.
Уште еднаш тврдеше дека владата годишно трошела 600 милијарди форинти на „подла, лажлива пропаганда“. Како четврто ветување го наведе враќањето на академската слобода и универзитетската автономија.






