вторник, 23 јуни 2026

Киев тврди дека украинската војска погодила железнички мост, централа и друга инфраструктура на Крим

Украина денес објави дека нејзината војска погодила железнички мост, електроцентрала и други инфраструктурни цели на Крим, кои Киев планира, како што тврдат официјалните лица, да ги „изолира со беспилотни летала“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за одбрана соопшти дека беспилотните летала погодиле складиште за нафта во термоцентралата Керч во источен Крим, трафостаница на западот и станица за дистрибуција на течен природен гас во Симферопол, вториот по големина град на полуостровот.

Единиците за специјални операции тврдат дека во соработка со, како што е наведено, движењето на отпорот на Крим, го уништиле железничкиот мост над Севернокримскиот канал, во близина на селото Роздолне.

Украинскиот министер за одбрана Михаило Федоров минатата недела изјави дека „се чини дека Крим во блиска иднина ќе стане остров “.

„Тоа би можело да доведе до некои многу неочекувани последици за Русите“, кажа Федоров на Јутјуб канал на еден блогер, мислејќи на операциите на Украина на полуостровот.

Делови од Крим денес останаа без електрична енергија, објави локалната енергетска компанија, која сепак го припиша тоа на „технички дефекти“ во локалните електрични мрежи и додаде дека очекува електричната енергија да биде обновена во рок од 24 часа.

Во врска со примирјето со Русија, амбасадорот на Украина во Обединетите нации Андреј Мелник вчера изјави дека Киев е сè уште подготвен за директни разговори со Москва со цел да се постигне „праведен и траен мир“ врз основа на Повелбата на ОН, но предупреди дека подготвеноста на неговата земја за компромис не е бесконечна.

Мелник на состанокот на Советот за безбедност на ОН кажа дека прекин на огнот по сегашната линија на фронтот веќе претставува голема отстапка и ја повика Русија да се повлече од окупираната украинска територија.

Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес изјави дека Кремљ е подготвен да ја „осигури безбедноста“ на својот сосед и сојузник Белорусија, неколку дена откако претседателот на Украина Володимир Зеленски побара Минск да ја отстрани релејната опрема од својата територија, за која Киев тврди дека им помага на руските напади.

Лавров за руската новинска агенција Интерфакс изјави дека Киев се обидува да ја вовлече Белорусија во конфликтот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ