вторник, 23 јуни 2026

Европската десница му го врти грбот на Трамп, само Полска е исклучок

За европската популистичка десница, прегратката на американскиот претседател Доналд Трамп некогаш беше политичка предност, но тоа се промени. Со години, националистичките лидери низ целиот континент ја гледаа поддршката на американскиот претседател како доказ дека нивната политика станала глобално движење. Сепак, со оглед на важните избори што се очекуваат во 2027 година во Италија, Франција и Полска, многумина ја доведуваат во прашање вредноста на оваа трансатлантска поддршка, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп стана политички товар

Репутацијата на Трамп во Европа е нарушена од неговите царински војни, заканите кон Гренланд и војната против Иран, што предизвика зголемување на цените на енергијата. Неговите интервенции, некогаш добредојдени од идеолошките сојузници, сега се сметаат за политички опасни бидејќи можат да ги отуѓат умерените гласачи, да ги поделат националистичките електорати и да им дадат муниција на противниците.

Добар пример е италијанската премиерка Џорџа Мелони, која некогаш се сметаше за најистакнат сојузник на американскиот претседател во Европа. Откако Трамп минатата недела тврдеше дека таа го „молела“ за фотографија на самитот на Г7, Мелони го потврди она што анкетите го покажуваат со месеци. Таа го отфрли постот на Трамп на социјалните мрежи во кој тој наведе дека таа „не изгледа добро во Италија со нејзиното ниво на популарност“ и возврати: „Вашето пријателство сигурно не ми помогна во тоа“. Таа додаде: „Како и да е, мојата популарност не е ваша работа. Предлагам да се фокусирате на својата“.

Слично размислува и Џордан Бардела во Франција, лидер на крајно десничарската партија Национален собир и водечки кандидат за претседател. Во интервјуто од минатата недела за Политико, тој решително ја отфрли поддршката на Трамп и го опиша однесувањето на американскиот претседател како „непредвидливо“.

И германската и француската десница се свртуваат против Трамп

Иако водечките луѓе од администрацијата на Трамп ги поддржуваа европските националистички партии, прегратката на американскиот претседател стана „отровен подарок“, според Жан-Ив Дормаген, претседател на институтот за истражување на јавното мислење Кластер17. „Трамп навистина создава проблем за тие лидери“, вели тој, додавајќи дека нивните електорати се поделени околу Трамп и сè повеќе го гледаат како закана.

Анкета спроведена од Кластер17 во јануари во седум земји од ЕУ покажа дека, иако десничарските гласачи имаат подобро мислење за Трамп од општата популација, само малцинство го смета за „пријател на Европа“. Ова мислење го делат 18 проценти од гласачите на партијата Национален собир на Бардела, 23 проценти од гласачите на партијата Браќа на Италија на Мелони и 25 проценти од поддржувачите на крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Во анкетата во јуни спроведена од Паблик фрст за Политико, само 31 процент од гласачите на АфД и 36 проценти од гласачите на Национален собир се согласиле дека САД се „сигурен сојузник“. Во Британија, Трамп стана товар за десничарската популистичка партија Риформ УК на Најџел Фараж, особено меѓу неопределените гласачи. Истото важи и за Франција, каде што американскиот претседател е непопуларен меѓу гласачите од централно-десничарската партија што Националниот собир се обидува да ги привлече, објасни Дормаген.

Крајот на политичката романса

Она што ја прави оваа реакција особено непријатна за Вашингтон е тоа што политичарите кои се оддалечуваат од Трамп се токму оние што неговата администрација се обидуваше да ги освои. Во својата Стратегија за национална безбедност објавена минатата година, Белата куќа го поздрави „растечкото влијание на патриотските европски партии“. Администрацијата ја поткрепи таа реторика со јавни поддржувања и контакти зад сцената со движења кои сега се плашат дека Трамп би можел да ги чини гласови.

Во еден од најзначајните примери, потпретседателот на САД Џеј Ди Венс отпатува во Унгарија во април за да ја поддржи кандидатурата за реизбор на поранешниот премиер Виктор Орбан, велејќи дека тоа е „правилната работа што треба да се направи“. Но, откако 16-годишното владеење на унгарскиот лидер заврши со тежок пораз, повеќето лидери на крајната десница кои се стремат кон високи функции следната година или го преиспитуваат својот став за Трамп или го менуваат целосно.

Промената е особено видлива во Италија и Германија, каде што крајната десница историски била многу отворена кон претседателот на САД. Мелони беше еден од првите европски лидери кои му честитаа на Трамп за неговиот реизбор во 2024 година. Кога тој ја почна трансатлантската трговска војна, таа брзо се претстави како можен мост меѓу Европа и воинствениот претседател. Денес тие јавно разменуваат навреди откако Мелони одби да им дозволи на американските воени авиони што учествуваат во војната во Иран да ги користат италијанските воени бази. Во Германија, од друга страна, војната во Иран ја продлабочи кризата на доверба меѓу Трамп и крајната десница, а лидерите на АфД ги повикаа партиските функционери оваа пролет да ги намалат своите патувања во САД.

Полска како исклучок

Сепак, не сите европски десничарски лидери јавно го доведуваат во прашање тој однос. Полската десничарска популистичка партија Право и Правда (ПиС) продолжува да ги негува врските со Трамп. Варшава, која оди на парламентарни избори следната година, е близок политички и воен сојузник на САД и еден од најголемите европски купувачи на американско оружје.

Претседателот Карол Навроцки, кој е поддржан од ПиС, се обидува да ги искористи своите врски со Трамп во борбата со премиерот Доналд Туск.

За ПиС, „повеќе е корисно отколку ризично да бидат во многу добри односи со Доналд Трамп од многу причини“, вели Војчех Шацки, раководител на политичкиот оддел во институтот Политика инсајт. „Тоа им дава одредена моќ во домашната политика бидејќи претседателот на Полска е единствената личност која моментално има пристап до Белата куќа“.

На прес-конференција во Варшава во петокот, лидерот на ПиС Јарослав Качински ги пофали „одличните односи на Навроцки со американскиот претседател“ и го поздрави наводниот „успех“ на иницијативата на Полска за воспоставување постојана американска воена база. „Повеќето Полјаци сè уште мислат дека присуството на американски војници во Полска нè прави безбедни“, цели Шацки.

Во анкета на институтот Кластер17, 17 проценти од сите полски испитаници рекле дека Трамп е „пријател на Европа“, што е највисок процент меѓу седумте анкетирани земји од ЕУ.

Анкетата Паблик фрст е спроведена од 14 до 17 јуни на примерок од повеќе од 2.000 испитаници од САД, Канада, Британија, Франција, Шпанија и Германија, со вкупна маргина на грешка од ±2 процентни поени. Помалите подгрупи имаат поголеми маржи на грешка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ