„Тоа беше навистина извонреден состанок. Како резултат на претходниот состанок, имаше размена на 1.000 за 1.000 воени заробеници, овој пат овие размени надминаа илјада, а телата на загинатите ќе бидат вратени и од Русија и од Украина… Ова докажува колку се важни овие состаноци во Истанбул. Многу сме горди на тоа“, рече Ердоган.
Турскиот претседател нагласи дека Турција сега станува главен центар на дипломатијата за мир.
„Моја најголема желба за двете страни е да ги пречекам Владимир Путин и Володимир Зеленски во Истанбул или Анкара. Па дури да го пречекам и Трамп тука. Доколку се согласат, би сакал да бидам со нив на таа средба и на тој начин да го претворам Истанбул во центар на мирот. Ќе се обидеме да преземеме таква иницијатива по оваа последна средба“, рече Ердоган.
Според турскиот претседател, средбата во Истанбул ја потврди начелната политика за завршување на руско-украинската војна со праведен мир.
Втората рунда преговори меѓу Украина и Русија се одржа вчера во Истанбул. Средбата се одржа во палатата Чираган, а покрај руските и украинските претставници, учествуваше и турска делегација, што ја нагласува важноста на Турција како медијатор.
За време на преговорите, беше постигнат договор за размена на сите воени заробеници помлади од 25 години и враќање на телата на загинатите војници од двете страни. Украинската страна како клучни цели ги истакна средбата на лидерите на двете земји и целосниот прекин на огнот, додека Русија ги повтори своите барања за предавање на регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон.
Преговорите завршија по помалку од два часа, и иако не беше постигнат конечен договор, беа договорени одредени хуманитарни мерки и најавено е продолжување на дипломатските напори.