„Но, покрај на македонски, песни на Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Михаил Ренџов, Даница Ручигај, Евгенија Шуплинова и од уште десетина современи македонски поети, за првпат беа прочитани и во превод на албански јазик. Преводите ги подготвија студентите на кои мајчин им е албанскиот јазик, а со љубов и голема посветеност на Факултетот ги изучуваат македонски јазик, книжевност и култура, со решеност професионално да ѝ се посветат на македонистиката. Поттикот за ваквиот потфат е од наставата по современа македонска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и култура и преку оствареното, уште еднаш се покажа – на Филолошкиот факултет при УКИМ, љубовта кон македонскиот збор ги обединува сите.
Неслучајно, вечерта започна со поезија од Петре М. Андреевски и беше насловена според негова песна. Не само поради 90-годишнината од неговото раѓање, туку како што беше нагласено и на настанот, затоа што тој во своите стихови ни кажа и покажа дека лицето на зборот не е едно. А Филолошкиот факултет со своите активности потврдува дека зборот има онолку лица колку што има и јазици.
Со оваа активност во рамките на манифестацијата ‘Денови на поезијата’ се покажа со колкава заедничка посветеност и взаемна почит, современата македонска книжевност ја исчитуваат и студентите на кои мајчин јазик им е македонскиот, и оние што се родени говорители на друг јазик. Обединети околу идејата дека треба да се вложат во иднината на македонистиката. А ним им се придружија и поетите Веле Смилевски и Виолета Танчева-Златева, кои со публиката што го исполни сиот простор во книжарницата Литература.мк споделија дел од своите стихови.
Откако македонската љубовна лирика одекна на македонски и во превод на албански јазик, пред присутните се обратиија и деканот на Факултетот, проф. д-р Владимир Мартиновски и проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка по современа македонска книжевност. Тие искажаа взаемно задоволство што љубовта кон лингвистиката, книжевната наука и преводот што им се пренесува на студентите дава вакви резултати. Ваквите остварувања, како што посочија се влог и во натамошните вложувања во афирмација на македонските книжевни вредности“, се вели во информацијата на Филолошкиот факултет.