недела, 12 мај 2024
Интервју

Сашо Маневски од Нов АСНОМ: Одиме да ја победиме ЕК на нивен терен, според нивни правила

Одиме да ја победиме Европската Комисија на нивен терен, според нивни правила, а тоа ќе го направиме ние, здружените Македонци од цел свет кои ја поддржуваат оваа иницијатива, вели во разговорот за МКД.мк Сашо Маневски, претседател на организацијата Нов АСНОМ. Пред неколку дена оваа организација објави дека тие се иницијаторите за тужбата на Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград против Европската Комисија до Судот за правда во Луксембург за да ја принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување.

Објавено на

часот

Сподели

Маневски вели дека сѐ почна откако пред три години дојде до промени во ЕУ, институционални промени кога институциите на унијата добија поголеми ингеренции.

– Ова исто така се однесуваше и на Европската Комисија која доби поголеми ингеренции да врши мониторинг на земјите членки во поглед на почитувањето на европските закони и нивната примена, како и санкционирање на земјите членки во услови на непочитување на европските закони. Јас размислував во насока како можеме ние Македонците т.е. нашата македонска кауза да ја промовираме преку европските институции знаејќи дека во делови од ЕУ, како што се Бугарија и Грција, имаме активна дискриминација врз Македонците, каде нивните основни човекови права драстично се кршат. Таму на Македонците не им е дозволено да се здружуваат во културни, јазични, спортски или пак политички асоцијации само и само затоа што се Македонци. Ваквата дискриминаторска политика врз Македонците во Бугарија и Грција е спротивна на фундаменталните права на граѓаните на ЕУ.

Со новите ингеренции, Европската Комисија може да ги санкционира земјите членки. И навистина ЕК тоа го направи со Унгарија и Полска кои ги кршеа законите на ЕУ и на ЕК, им ја скрати помошта што Унгарија и Полска ја добиваа од европските фондови во висина од неколку милијарди евра. Се прашував дали може ЕК да поведе случај против Бугарија затоа што ја забранува регистрацијата на многубројни македонски клубови во Бугарија.

Знаев дека треба повеќе да го истражам овој дел, но тука ми требаше помош од компетентен адвокат или пак адвокатска канцеларија која ќе направи додатни истражувања во европското право. За оваа цел се поврзав со македонската дијаспора со која имам добри контакти, пред сѐ со Боби Темелков кој ми даде поддршка и предложи адвокати од Македонија за кои сметаше дека се добра основа за понатамошен ангажман. Преку Боби Темелков добив листа на адвокати кои ги интервјуирав и одбрав адвокат кој сметав ќе може да одговори на предизвикот.\

Кој беше адвокатот?

– Адвокатската канцеларија Пандовски навистина покажа компетентност и преку истата направивме длабока анализа и заклучивме дека постои можност да поднесеме претставка против Бугарија во Европската Комисија за неисполнување на европското право, т.е. во случајот на Бугарија и нерегистрирањето на македонските клубови. Адвокатот откри низа непочитувања на европското право и директиви.

Во оваа наша работа помош даде и Стојко Стојков од ОМО Илинден – Пирин кој ни ги посочи сите македонски организации кои се спречени да се регистрираат во Бугарија. Одбравме да соработуваме со Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград. На 30 август 2022 година поднесовме обемна претставка во Европската комисија. На 750 страници поднесовме докази против Бугарија.

Која беше улогата на вашата организација Нов АСНОМ во овој процес?

– Нов АСНОМ се јавува како претставник на Македонскиот клуб од Благоевград, а истата претставка е поддржана од македонската дијаспора од цел свет, Канада, Европа и Австралија која и финансиски го поддржа целиот овој процес. Ја користам оваа прилика уште еднаш да им се заблагодарам на сите кои ја поддржаа оваа претставка.

Каков беше одговорот од ЕК?

– На почетокот Европската Комисија ја игорираше претставката и не сакаше да даде никаква потврда и покрај нашите пораки, мејлови, телефонски јавувања… После 6 месеци молк, знаевме дека сме начнале „жешка тема“ и видовме дека нашата борба треба да ја кренеме на повисоко ниво. Требаше да фатиме адвокат од ЕУ кој ќе нѐ претставува пред Европската Комисија, но и ако има потреба, да нѐ застапува пред Судот за правда во Луксембург, кој е дел од Европската Унија. За да се почне постапка пред Судот за правда, адвокатската канцеларија мора да биде регистрирана во земја членка на ЕУ. Нашиот адвокат од Македонија тука не можеше да ни помогне и покрај тоа што е компетентен за оваа работа. За жал административно беше спречен за понатаму.

Сегашниот адвокат од Париз ја притисна ЕК која набрзо одговори дека го имаат нашиот случај, но ќе ѝ треба време да одговори. На ЕК ѝ требаше 13 месеци да даде одговор. Во одговорот ЕК се прогласи ненадлежна за нашиот случај велејќи дека Бугарија треба да го реши ова прашање.

Од потпишувањето на претставката

Така дојдовте до тужбата против ЕК всушност?

– Да. Ние бевме незадоволни од овој одговор и по наша иницијатива и препорака на адвокатот лансиравме тужба против ЕК за дискриминација врз Македонците и за непочитувањето на европското право.

Како ги најдовте адвокатите од Париз? Што велат, кои се шансите да се добие овој случај?

– За да најдеме адвокати од ЕУ, адвокатската канцеларија Пандовски ни го предложи адвокатот од Париз, но исто така стапив во контакт со адвокатски канцералии од неколку скандинавски земји, и невладини организации, специјализирани за европско право, особено од областа на човековите права. Стапив во контакт и со светскиот познат адвокат за човекови права кој обично овие случаи ги работи про боно, господинот Роберт Амстердам. Во директен разговор со Амстердам утврдивме, за жал, дека не може да го преземе овој случај затоа што неговата канцеларија не е регистрирана во ЕУ, има канцеларии во Лондон и во Вашингтон.

Во која фаза е сега случајот?

– Што се однесува до нашиот случај пред Судот за правда во Луксембург имаме кристално чиста и јасна позиција која се докажува со документација дека сме во право. Всушност, од почеток навестив до поддржувачите на оваа претставка дека ние одиме на правна победа. Сѐ друго не ме интересира. Одиме да ја победиме Европската Комисија на нивен терен, според нивни правила, а тоа ќе го направиме ние, здружените Македонци од цел свет кои ја поддржуваат оваа иницијатива. Тоа е најмалку што можеме да направиме за нашите обесправени браќа и сестри од Пириснка Макекдонија. А кога ќе победиме во Судот за правда, следна на нашиот снајпрески нишан е Грција.

Но од друга страна, немам никакви илузиии или лажна претстава дека политиката нема да има влијание и дека постои реална можност да добиеме политичка одлука на наша штета. Тоа ќе биде уште еден аргумент повеќе, покрај Договорот за добрососедство со Бугарија и Преспанскиот договор, дека Европската Унија не е по теркот на Македонците, полна е со хипокризија, лаги и лажни вредности и нема што ние таму да бараме.

Целиот овој случај, процес, бара големи финансии. Од каде? Како?

– Тоа е дефинитивно најгорчливиот проблем кој ќе треба да го пребродиме и работиме на тоа. Со адвокатот договорив максимална сума која може да ја побара во случај ако судењата одат до бескрај, но исто така имаме одреден минимален финансиски праг кој треба да го достигнеме. Потребна е поддршка од секој засегнат Македонец кој смета дека може да помогне и да донира директно до адвокатот за нашата тужба. Ние само им кажуваме на нашите помагачи како да ја достават својата донација до адвокатот. Јас водам евиденција од секој кој донрирал, и во случај да победиме, очекувам парите да ни ги вратат назад и ќе бараме судските трошоци да ни ги плати Европската Комисија. Значи во случај на наша победа, секој ќе си ги добие парите назад минус банкарските трансакциски трошоци. Секој кој е заинтересиран да помогне слободно нека ми се обрати на [email protected] за да им дадам инструкции како понатаму. Во исто време изразувам голема благодарност до сите кои се подготвени да ја поддржат оваа наша инцијатива. Заради вашата дарежливост, верба во правдата и правдината стигнавме до тука.

Се обидовте ли за ова да разговарате со македонските власти?

– Со оглед на предавничката политика која ја води власта, на крај на памет не ми падна да побарам помош од оваа политичка гарнитура. За овој процес да успее луѓето инволвирани во него треба да имат добро познавање од европското право, на ЕУ институциите и нивните процедури, да веруваат дека ние Македонците одлучно ќе се спротивставиме против дискриминацијата и кршењето на основните човекови права која ја форсираат нашите соседи и дека ќе се грижиме еден за друг.  За среќа има сѐ уште наши луѓе раселени низ светот кои веруваат во оваа наша кауза.

На 21 април Нов АСНОМ објави дека Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград поднесе тужба против Европската Комисија до Судот за правда во Луксембург за да ја принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување. Тужбата е иницирана и организирана од организацијата Нов АСНОМ, а поддршка дадоа Македонското движење за човекови права од Торонто, Светскиот македонски конгрес – Канада, Симон Поповски, Иљо Јанев и многу други Македонци од цел свет.

Во тужбата од Судот за правда се бара да ѝ ги скрати на Бугарија сите финансии што доаѓаат од Кохезивниот фонд во висина од 1,467 милијарди евра сè додека не го регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград, чија регистрација беше одбиена само затоа што е македонска.

Во 2022 година, Македонскиот клуб поднесе претставка против Бугарија во Европската Комисија за непочитувањето на европското право сметајќи дека Бугарија го крши членот 12 од Фундаменталните права на ЕУ кој е дел од Договорот на ЕУ. Европската Комисија се прогласи ненадлежна за овој случај сметајќи дека нема надлежност да врши мониторинг на малцинските права во ЕУ членките, како Бугарија.

Оваа одлука за Македонскиот клуб за етничка толеранција беше неприфатлива, дека со оваа одлука ЕК го крши членот 317 од Договорот за функционирање на ЕУ кој кажува дека ЕК мора да врши мониторинг и ревизија на земјите членки за да спречи кршење на фундаменталните права на ЕУ.

Ова е прв правен процес внатре во Европската Унија кој се однесува на дискриминацијата врз Македонците во делови од ЕУ. Со оваа тужба, Европската Комисија е приморана да даде одговор до Судот за правда за кршењето на основните човекови права на Македонците во Бугарија.

А.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ