четврток, 12 декември 2024

Месните заедници од Општина Маврово Ростуше против одлуката на Советот за парцелизација на државното земјиште

На иницијатива на месните заеници Леуново, Никифорово, Маврово, Ново Село и Кичиница, потпишана е петиција  од речиси сите месни заедници од Општина Маврово Ростуше со која се бара повторно разгледување и отфрлање на точка 4 од дневниот ред на состанокот одржан на 27 ноември. Тогаш Советот донесе одлука дека општината ќе може да продава државно земјиште и да го парцелизира на локации од по 300-400 квадратни метри за градење на станбени објекти што предизвика големо незадоволство кај мештаните.

Објавено на

часот

Сподели

Месните заедници се согласуваат дека се неопходни урбанистичките планови за селата (УПС) за да се спречи хаосот, особено околу Мавровско Езеро.

„Но, сметаме дека Општина Маврово и Ростуше не може да преземе еднострано  планирање на објекти за потребите на општината и дека  квалитетни УПС не може да се направат без консултации со месните заедници од соодветните села. Месните заедници најмногу ги знаат проблемите со кои се соочуваат во претходниот и тековниот период (инфраструктура, електрична енергија, вода за пиење и др.) и можат да дадат квалитетни предлози, според потребите на населените места. Со нивно активно учество да почне со ревитализација на селата, при тоа  строго да се внимава за подобрување на животот во населените места во целата општина Маврово Ростуше, водејќи сметка за еколошките аспекти и зачувување на природните убавини на општината. Како најкарактеристичен негативен пример може да се посочи село Леуново, каде без консултации и согласност на месната заедница незаконски и нелегално се изградија низа објекти од цврста градба, па поради тоа има мораториум за градба во селото“, пишува во петицијата.

За одлуката за парцелизирање на земјиштето на Република Македонија, месните заедници прво прашуваат дали оваа одлука е донесена во консултација со Национален парк Маврово, со Министерство за урбанизам, со Министерство за земјоделие, Министерство за екологија, АД ЕСМ…

о

„Сакаме да потенцираме  дека тоа земјиште е одземено од страна на државата под присила и по багателни цени. Исто така има голем број на селани кои од различни причини (исселување, починување на повозрасните жители и сл.) не успеале да го регистрираат својот имот. За многу имоти се води постапка за денационализација и истите треба да се вратат на сопствениците или на нивните наследници. Напоменуваме дека се направени грешки, каде имотите се впишани на сопственици кои не се вистински.

Носење на урбанистички планови за вон населено место (УПВНМ) и изработка на локална урбанистичка планска документација (ЛУПД), е особено опасно, бидејќи на тој начин ќе се реализираат желбите на поединци, ќе се придонесе за уште поголем урбанистички хаос, особено во околината на Мавровското Езеро и ќе се создадат можности за криминал и корупција“, пишува во петицијата.

Месните заедници бараат сите овие планови да се направат со претходна  согласност на месните заедници и по завршување на процесот на денационализација. Изградбата на парцели на земјиште кое сега се води како државно ќе предизвика уште поголем урбанистички хаос,  незадоволство и тензии помеѓу месното население, предупредуваат од месните заедници на општината.

На петицијата се потпишани речиси сите месни заедници од Општина Маврово Ростуше.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ