сабота, 27 јули 2024

Израелски функционери заплениле камера и опрема за емитување на агенцијата АП во Газа

Израелски функционери заплениле денес камера и опрема за емитување на агенцијата Асошиејтед прес во Газа, обвинувајќи ја американската агенција дека го крши новиот медиумски закон, со тоа што обезбедува снимки кои ги користи Ал џезира.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Катарската сателитска телевизија Ал џезира е меѓу илјадниците клиенти кои примаат снимки во живо од АП и други медиумски организации, пишува АП и додава дека „го осудува потегот на Израел“.

„АП најсилно го осудува дејствувањето на израелската влада со кое го прекина преносот во живо кој се емитува подолго време и прикажува поглед на Газа, а заплени и опрема на АП“, кажа Лорен Истон, потпретседателка за корпоративни комуникации на таа медиумска куќа.

„Прекинот не е заснован на содржината на она што се пренесувало туку на злоупотреба на новиот закон за радиодифузија. Ги повикуваме израелските власти да ја вратат нашата опрема и да ни дозволат веднаш повторно да воспоставиме пренос во живо, така што можеме да го пружиме тоа важно визуелно новинарство на илјадници медиумски куќи низ светот“, кажа таа.

Службеници на израелското министерство за комуникации стигнале до локацијата на АП во јужниот град Сдерот денес попладне и ја заплениле опремата. Предале на АП парче хартија потпишано од министерот за комуникации Шломо Кархи, во кое АП се обвинува дека го крши израелскиот закон за странски радиодифузни медиуми, пренесува американската агенција.

Непосредно пред опремата да биде запленета, АП емитувал широк кадар од северна Газа.

АП укажува дека ги почитува израелските воени прописи за цензура, кои забрануваат емитување на снимени детали како движење на трупите, што би можело да ги загрози војниците, истакнувајќи дека нивната директна снимка главно прикажува чад како се крева над таа територија.

Запленувањето следи по вербалната наредба од четвртокот да се прекине со емитувањето во живо, што АП одбила да го направи.

Израелските службеници го примениле законот усвоен на почетокот на април, кога одлучија да ги затворат канцелариите на Ал џезира, телевизијата со седиште во Катар и да ја одземат опремата на катарската телевизија, забранувајќи го нејзиното емитување и блокирајќи ги нејзините портали.

Израел долго време има тешки односи со Ал џезира, обвинувајќи ја за пристрасност кон Палестинците, а против Израел. Израелскиот премиер ја нарече „терористичка телевизија“ која поттикнува насилство.

АП јавува дека Ал џезира е една од ретките меѓународни телевизии која остана во Газа за време на целата војна и емитуваше сцени од воздушните напади и пренатрупаните болници, обвинувајќи го Израел за масакр врз цивилите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ