петок, 26 јули 2024

Русија почна тактички нуклеарни вежби во близина на Украина (ВИДЕО)

Русија денеска го објави почетокот на вежбите за тактичко нуклеарно оружје во близина на Украина, како одговор на западните „закани“.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на својата двегодишна офанзива врз Украина, Москва постојано зборува за својот арсенал на нуклеарно оружје и за подготвеноста да го распореди доколку почувствува егзистенцијална закана.

Западот го обвини претседателот Владимир Путин за неодговорно ѕвечкање со нуклеарното оружје.

Руското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека вежбите се одржуваат во неговиот Јужен воен округ, кој граничи и опфаќа делови од Украина што Москва ги анектираше. Не беше прецизирано точно каде.

Вежбите се осмислени да ја тестираат „подготвеноста на персоналот и опремата на борбените единици за нестратегиско нуклеарно оружје да одговорат и безусловно да го обезбедат територијалниот интегритет и суверенитет на руската држава“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Се додава дека тие се „одговор на провокативните изјави и закани од одредени западни претставници“.

Путин во почетокот на овој месец нареди да се одржат вежбите. Руските власти укажаа на коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон дека земјите на НАТО треба да не ја исклучат можноста за распоредување војници во Украина и на британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон дека Киев има право да истрелува западни проектили на руска територија.

Јужниот воен округ на Русија е команден центар за нејзината офанзива врз Украина. Седиштето е во Ростов-на-Дон, 60 километри од границата со Украина, а вклучува и делови од земјата што Русија ги припои – регионите Крим, Доњецк, Херсон, Луганск и Запорожје.

Министерството за одбрана објави снимка на која се гледаат камиони што носат проектили на поле каде што се подготвуваат системи за лансирање и војници на аеродром што подготвуваат бомбардер да носи нуклеарна боева глава.

Се вели дека ова е „првата фаза“ од вежбите, која вклучува вежбање на полнење на лансирните возила, возење до одредени локации за лансирање и товарење авиони со хиперсонични ракети кинжал.

Не е посочено дали имало пробни пукања.

Тактичкото нуклеарно оружје, познато и како нестратегиско нуклеарно оружје, е дизајнирано за употреба на бојното поле и може да се користи преку проектили.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ