Како што информира МВР, Тошковски на средбата посочил дека со новиот Закон за внатрешни работи ќе се овозможи законска основа за вработување студенти од високообразовни институции со кои МВР има потпишано договор за соработка.
„Тоа ќе овозможи најдобрите млади кадри веднаш по дипломирањето да станат дел од безбедносниот систем на државата. Истовремено, разговаравме и за вклучување на стручниот кадар од факултетот во процесите на континуирана едукација и дообука на полициските службеници, како дел од долгорочна стратегија за унапредување на професионалните вештини и стандардите во МВР“, потенцирал Тошковски.
МВР во соопштението наведува дека дополнително, во рамки на подготовките за реактивирање на средното полициско училиште, се разгледала и можноста токму наставниот кадар од Факултетот за безбедност да придонесе и во едукацијата на идните полициски генерации.
„Двете страни се согласија – ова се конкретни, одржливи чекори што ја поврзуваат науката и практиката во интерес на посилна, обучена и модерна полиција во служба на граѓаните“, информира Министерството за внатрешни работи.