„Во врска со ситуацијата со Албанија и Северна Македонија, во текот на изминатите месеци, направено е многу и постигнат е значителен напредок. Ние сме во крајна фаза и ќе продолжиме да работиме со словенечкото претседателство на ЕУ да го заклучиме процесот, а тоа е да ги отвориме првите меѓувладини конференции (со Северна Македонија и Албанија) како приоритетно прашање“, напиша Вархеји на Твитер.
И покрај охрабрувачките тонови и обидите да се убеди Бугарија да го тргне непринципиелното вето за Македонија, Скопје и Тирана на Министерскиот совет во Луксембург повторно останаа пред вратите на ЕУ без можност да ги почнат преговорите за кои ги исполнија сите услови. Бугарија го потврди својот став за европската перспектива на Македонија на Советот за општи работи во Луксембург, притоа останувајќи отворена за конструктивен дијалог со претстојното словенечко претседателство со Советот на ЕУ за изнаоѓање заемно прифатливи решенија.






