„Станува збор за кривично дело казниво по член 353 од Кривичниот законик и за кое е предвидена затворска казна од шест месеци до три години. Пријавениот се терети дека во својство на службено лице не го испочитувал текстот на законот и притоа свесно, злонамерно и противзаконски дозволил и овозможил промена на софтверот – системот за издавање на личните карти во МВР уште во јуни 2021 година. Со ова била извршена неповратна промена на податоците и содржината на обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, пред да бидат донесени било какви измени на Законот за личната карта, со кои би се промениле податоците и содржината на наведените обрасци“, се вели во соопштението на Левица.
Таму е наведено дека на овој начин, со своето свесно и комисивно деликтно дејствие, министерот Спасовски намерно и со предумисла извршил промена на содржината на податоците впишани во обрасците на личната карта, барањето за издавање на лична карта и потврдата за поднесеното барање, иако знаел и бил должен да знае дека наведената материја согласно Уставот претставува „materia legis”, утврдена единствено со Законот за личната карта.
„Пријавениот постапил спротивно на начелата на законитост, професионална етика, непристрасност и објективност и економично користење на средствата предвидени во Законот за внатрешни работи. Очекуваме надлежното ОЈО – Скопје, да ги земе предвид издржаните факти и докази наведени во кривичната пријава и, по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот министер за внатрешни работи”, соопшти Левица.






