Одбележување на почетокот на новата Швајцарска програма за соработка 2021-2024 година, велат од МТСП, беше поводот за денешниот настан, на кој Швајцарија ја потврдила натамошната поддршка за Северна Македонија.
„Министерката Шахпаска во делот на соработката со Амбасадата на Швајцарија во земјава, го посочи воспоставувањето на РЕХА центрите во државата, преку кои лицата со попреченост се стекнуваат со одредени вештини и нивно вклучување на пазарот на труд, Ресурниот центар за млади во Гостивар „I can”, каде што се воспоставува партнерски однос меѓу претставниците на централната и на локалната власт, локалните невладини организации и приватните компании, со цел да се обезбеди поголема инклузивност на лицата со попреченост и на младите на пазарот на труд“, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Преку двете панел дискусии претставници од Владата на Република Северна Македонија, Амбасадата на Швајцарија, како и претставници од граѓанскиот сектор и приватниот сектор, нагласуваат од Министерството, размениле аргументи за како новата швајцарска Програма за соработка може да ги поддржи реформските приоритети за eвропската и домашна агенда на Северна Македонија, како и во дефинирање клучни приоритети за остварување на одржлив економски развој во пост-Ковид светот.






