петок, 1 мај 2026

Повторно ќе увезуваме отпад за гориво, ако пратениците дозволат

Објавено на

часот

Сподели

„Наместо да забрани увоз на секаков тип на отпад, владата го враќа стариот закон со кој се дозволува увоз на отпад за гориво. Тоа го направи за неполни четири месеци откако е оформен последниот состав на Владата и за толку месеци ги врати старите политики со кои се дозволуваше огромно загадување во земјава”, велат од Здружената иницијатива Зелен хуман град.

Од Иницијативата изразуваат вчудоневиденост како може европско знаменце да се стави на закон за да оди по скратена постапка и без спроведена јавна расправа, а кој може да предизвика уште поголемо загадување на животната средина и ги повикаа пратениците „ако имаат грам почит за граѓаните”, да не дозволат Македонија повторно да стане дестинација за горење отпад.

Стравувањето од евентуалното повторно овозможување да се увезе отпад кој потоа може да се користи како енергија (гориво) е зголемен во јавноста и особено меѓу еколошките организации откако беше откриено дека во земјава се увезувало отпадно, многу отровно масло, потоа користено во фабрики и разни погони како мазут.

Во Министерството за животна средина, чиј министер Насер Нуредини е повереник на предлог законот, а инаку доаѓа од ДУИ, ребрендирана партија во „зелено“, велат дека се работи за усогласен текст со европското законодавство и дека секаде во ЕУ е дозволен увоз и извоз на отпад, како и увоз на отпад за гориво. Дури, велат неофицијално, преработката на отпадот е често пати поевтин, но и побезбеден процес, отколку да се произведе конкретен енергенс. Ризици нема, доколку се почитуваат законите.

Сепак поставивме конкретно прашање: „Зошто токму Министерството за животна средина смета дека треба да се вратат конкретните одредби, односно политики, како што велат од Здружената иницијатива, и зошто сметате или се согласувате дека предлог-законот треба да има европско знаменце во Собранието и за него да нема јавна расправа? Дали имате проекција дека ваквата законска можност нема да доведе до зголемување на загаденоста на животната средина или пак, можеби сметате дека ќе доведе до намалување на загадувањето?

Во одговорот за МКД.мк од Министерството велат:

„Пакетот закони за отпад се изработени во согласност со европското законодавствто, се синхронизирани со европската легислатива и ги почитуват сите европски стандарди и од тука е можноста отпадот да се користи како гориво, Легислативата се придржува на европски дефинирани стандарди за типови на отпад што можат да се користат како гориво како и на начинот на користење. Овие закони во моментот се во собраниска постапка на усвојување , но при нивната изработка, јавноста беше целосно информирана и беше вклучена, а исто така во процесот на јавни расправи јавноста можеше да коментира и достави забелешки.
Инаку со усвојување на овие закони не се враќаме на стари политки и загадување на животна средина, туку ги хармонизираме законите со ЕУ директивите и ги поставуваме на исто рамниште со европските закони и принципи на работа”.

Но, дали Македонија е подготвена со отпадот да се справи како што тоа го прават земјите од ЕУ на кои се повикуваме?

„Не сме подготвени”, вели за МКД.мк претседателката на Зелената партија ДОМ и пратеничка Маја Морачанин и додава дека проблемот е во капацитетот на нашите институции.

Таа најави дека во Собранието ќе се обиде преку амандман да ја спречи одредбата што во рамки на законскиот текст ја вметна Владата со која повторно ќе се овозможи да се увезува отпад како енергенс.

„Амандманот е подготвен. Верувам дека ќе го убедам мнозинството пратеници дека треба да остане забраната за увоз на отпад како енергенс, зашто мора да се грижиме за здравјето на граѓаните и за здрава животна средина. Македонија се уште не е подготвена за увоз на ваков отпад бидејќи институциите лани и самите признаа дека го немаат потребниот капацитет ниту пак доволно финансиски средства за да вршат ефикасна контрола на увезениот опасен отпад, а познато е дека немаме ниту соодветни акредитирани лаборатории за таа намена”, изјави за МКД.мк Морачанин.

Таа вели дека има уште неколку предлог закони кои третираат отпад и се усогласени со европското законодавство и за конкретниот законски проект кој третира отпад како енергенс, е оптимист дека пратениците ќе прифатат дека забраната за увоз на вакво отпадно горива треба да остане. Морачанин потсетува дека кога минатата година забраната за ваков увоз беше усвоена, согласноста беше консезуална во Собранието. Оттогаш, до сега, како што нагласува, нема битни промени во подготвеноста на институциите да можат ефикасно да контролираат увоз на потенцијално опасен отпад кој може да биде користен како енергенс.

Пратеничката и лидер на ДОМ Морачанин уште на комисиското разгледување на материјалот на законскиот текст на почетокот од месецов, се осврна и на владиното образложение дека предлог-законот ја зема предвид Базелската конвенција која Македонија ја има прифатено, а се однесува токму на опасниот отпад.

„Треба да се земе предвид духот на Базелската конвенција. Со неа се препорачува контрола на трансферот на отпадот, но уште повеќе се води и грижа за земјите кои се мали и недоволно развиени во тој поглед, па се препорачува да има што помалку транспорт и увоз на опасен отпад кон и во такви држави”, рече Морачанин.

Останува секако да се види како пратеничката група на ДУИ ќе се произнесе за ова законско решение имајќи предвид дека неодамна прогласи „зелена агенда” и грижа за животната средина, а секако и останатите пратенички групи чии партии во своите програми  имаат нагласено грижа за животната средина. 

Следејќи ги невладините организации преку социјалните мрежи, може да се заклучи дека изразуваат сомнеж дека ќе биде оневозможен увоз на опасен отпад. Уште повеќе затоа што токму таквиот отпад, од кого „бега” цел свет, носи највисоки профити и е добра почва за криминал.

За потсетување, профит носеше и отровното отпадно масло прикажано како мазут, за што неодамна во Владата се крена голема прашина откако беше објавен првиот дел од новинарското истражување на ИРЛ. Разликата во цена на такво масло, кое е дозволено за употреба само за бродови кога пловат далеку низ океанските пространства, е неколкукратна во однос на регуларниот мазут, иако и тој енергенс, според екологистите, време е да се исфрли од употреба. А, влезот во земјава на отпадното масло бил можен само со замена на извозно-увозните шифри, имајќи ги предвид „тенките “ контроли.

Конечно, доколку нема лица кои „мижат” при влез на цистерните, и таквата измама се открива со контрола во акредитирана и модерна лабораторија која има стручен кадар.

Контролата на увозен отпад како енергенс, како што е тоа во европскте земји со чие законодавство се усогласува овој предлог-закон, се врши во државна лабораторија, каде може да се откријат измами од овој тип. Македонија има државна лабораторија – во Бирото за метрологија, како и таа, мобилната – поставена во малку поголемо комби – возило, која неодамна беше приркажана пред новинарите, и со која се изврши тестирање на горивата од неколку бензински пумпи.

П. Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ