Сакаме да излеземе со кампања на надеж, кампања која ќе понуди решенија за акутните проблеми за нашето општество, рече Мицкоски и нагласи дека притоа мисли на борба без компромис со криминалот и корупцијата, најави многу проекти и нивно остварување, отчетност, транспарентност и нормална, чесна и честита работа.
Мицкоски на новинарско прашање повтори дека нема да се занимава со градоначалниците од редовите на СДСМ и ДУИ, но во однос на кандидатите, рече дека е изненаден од тоа што се случува особено во пелагонискиот регион.
„За Прилеп и Битола СДСМ практично веќе призна пораз. Во Прилеп е кандидиран за градоначалник транзициски политичар кој едино може да ѝ конкурира Радмила Шекеринска, малку беше министер, малку директор и слично. Но прилепчани ќе стават крај на неговата кариера, па ќе може да се посветги на рестораните, а има основано сомневање дека се случуваат незаконски работи. Втората личност која што вчера ја понудија навистина не само што не е конкурентна и не е достојна за тој град каде што таа личност ја понудија, туку тие со тоа си потпишаа пораз и за следните четири години бидејќи, стравувајќи од отсуството на квалитетни кадри ќе мора да одат со крајно корумпирани и сомнителни бизнис ликови од средините каде што ги кандидираат“, рече Мицкоски.
Тој ги повика надлежните институции да ја проверат имотната состојба и даночните пријави на скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
„Искуството кое ќе го слушнеме од домашните предавачи и луѓето коишто се надвор од нашата држава кои доаѓаат од земјите членки на Европката унија, се надевам дека ќе биде дополнителен мотив за идните градоначалници и членови на советите дел од тие политики да ги применат во работењето на општините и тоа во делот на екологијата, подобрувањето на животната средина, отчетноста, транспаретноста во работењето на општините, процесот на дигитализација… Работењето на градоначалниците да биде репер и за институциите на државно ниво, иако јас се надевам дека после овие локални избори ќе имаме многу брзо нова влада која ќе одржи лекција како се работи чесно и како се бори против криминалот и корупцијата коишто се за жал акутна појава во македонското општество“, рече Мицкоски на настан од партиско значење, обука во соработката со Фондацијата Конрад Аденауер.






