Филипче посочи дека најголемата измама им се случи на граѓаните на парламентарните избори лани.
„ВМРО-ДПМНЕ ветуваше гордост и достоинство, донесоа сиромаштија, хаос и неизвесност. ВМРО-ДПМНЕ се фали со „стабилност“, а народот не може да го помине месецот. Државата е во стагнација, нема економски раст, инфлацијата го слабее стандардот, а платите не се зголемуваат. Се доцни со исплата на ДДВ, субвенциите за земјоделците каснат, инвестициите на рекордно ниско ниво“, рече Филипче.
Говорејќи за животниот стандард, Филипче укажа дека со сегашните ниски плати, високи стапки на инфлација, младите не гледаат перспектива во својата татковина.
„Нема достоен живот кога Македонија е претпоследна во Европа според висина на минимална плата со многу ниска куповна моќ. Младите заминуваат – не затоа што не ја сакаат Македонија, туку затоа што таа не им нуди перспектива. Со оваа ненародна власт животот е сè потежок за сите“, рече Филипче.
Сите ние како што кажа Филипче ја чувствуваме раката на погрешна државна политика, каде кадрите на ВМРО-ДПМНЕ низ локалните и централните нивоа создаваат синџир на неспособност и безредие.
Осврнувајќи се на состојбата во Виница, лидерот на СДСМ обвинби дека ВМРО-ДПМНЕ ја остави општината без ниту еден проект, во долгови, смет и зголемени сметки.
„Ќе беше добро да имам што да кажам дека направил градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ изминатите четири години, барем нешто со што ви го подобрил и олеснил животот, за да не помисли повторно Мицкоски дека го мразам. Но, во Виница денес ништо нема од тоа што се ветувало. Нема спа-центар во село Истибања, нема туристичка викенд-населба на Плачковица, нема локален пат Трсино – Голак, нема нова индустриска зона во Поповец, нема нов булевар, нов локален пат, индустриска зона – апсолутно ништо, никаков проект“, рече Филипче.
Пред виничани вети дека со нивниот кандидат Гоце Милевски, Виница ќе добие дом за стари лица, нов булевар и јавен превоз за сите. Филипче побара поддршка за визијата и програмата на кандидатотот за градоначалник, Гоце Милевски и советничката листа на СДСМ предводена од Зоран Стоименов, која нуди конкретни решенија за подобар живот на сите граѓани во Виница.
„Да го дадеме гласот за другарот Гоце Милевски, за да може заедно со советничката листа на СДСМ да изгради дом за стари лица, нов булевар на влезот во градот, велосипедски патеки, јавен превоз за сите населени места и да ја реши атмосферската канализација. Глас за СДСМ и Гоце Милевски, е глас за решенија што ја враќаат довербата и достоинството на општината“, истакна Филипче.
Тој кажа дека на овие локални избори гласањето е многу повеќе од право, туку е голема одговорност која треба секој да ја преземе.
„Во недела, на 19 октомври, не одлучуваме само за локална власт, туку за иднината на секое семејство, за иднината на Македонија“, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Виница.






