четврток, 7 мај 2026
Оние кои што се вклучени во „Пулс“ реагираат дека од просторот кој никој не го чисти ќе добијат зараза

Дигиталната судница во Идризово која ни ја подари ЕУ и чини над милион евра, тоне во нехигиена

Дигиталната судница близу затворот „Идризово“, изградена и опремена со инвестиција од над милион евра од Европската Унија, денес остава впечаток на простор за кој никој вистински не се грижи. Иако станува збор за еден од најзначајните и најсовремени судски објекти во државата, и како таква беше и претставена од правосудните органи, нехигиената со месеци е очигледна за сите што влегуваат во објектот.

Објавено на

часот

Сподели

Новата дигитална судница во воспитно-поправната установа Идризово главно е финансирана од Европската Унија со околу милион евра инвестирани во градба и опрема. Но, денес сликата за овој објект во пракса е многу поинаква. Во тоалетите е валкано и не работат дел од казанчињата за вода. Не се чисти ниту подот, ниту столчињата кои се обелени од прашина, а истите пајажини и пајаци висат со месеци.

За нехигиената во дигиталната судница се пожалија и адвокатите кои се ангажирани на судењето за Пулс, кој кажаа дека е валкано, никој очигледно не чисти и згора на се може да добијат некаква зараза. Потврда дека никој очигледно не се грижи за чистотата во судницата дадоа и судиите кој го водат предметот за Пулс, а кои кажаа дека истото ѓубре го оставаат и го наоѓаат во корпите за отпадоци на следните судски рочишта и дека е укажано за тоа.

На 30 ноември 2022 бомбастично и свечено беше означен официјалниот почеток на функционирање на, како што беше кажано тогаш, најголемата и најопремена дигитална судница во државата.

Кога во ноември 2022 година беше пуштена во употреба, судницата беше претставена како најголем и најмодерен дигитален судски комплекс во државата. На свеченото отворање присуствуваа високи претставници на институциите, дипломати од Европската Унија и САД, како и претставници на правосудниот систем. Проектот беше поддржан и од Амбасадата на САД преку обезбедување дополнителна безбедносна и ИТ опрема, а вкупната вредност на инвестицијата достигна 1,3 милиони евра.

Управата за извршување на санкциите учествуваше во опремување на судницата со мебел и друга опрема. Целта на изградбата на овој комплекс со судница во затворот „Идризово“ е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен.

Лани на 29 мај, директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов изрази надеж дека таа почесто ќе биде користена за водење на големите судски процеси. Но, нехигиената со која периодов се соочува овој објект, и на која се сведоци сите кои се вклучени во судските процеси кои таму се судат, дава една поинаква димензија на целиот влог, односно дека не знаеме да го сочуваме и одржуваме она што ни е донирано и подарено.

Овде периодов овде траат судењета за големиот процес за криминалната група Беланоца-Барон, случајот Адитив, како и случајот Пулс.

К.Д.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ