Честитајќи го јубилејот на ЕВН Македонија, министерката Божиновска потенцираше дека изложбата е приказна за патот што го помина македонската енергетика во изминатите две децении.
„Во изминатите дваесет години, ЕВН Македонија остави значаен белег во развојот на електродистрибутивниот систем, во неговата модернизација, дигитализација и унапредување. Тоа е процес кој не се мери само преку бројки и инвестиции, туку и преку подобриот квалитет на услугите и поголемата сигурност за граѓаните“, рече министерката Божиновска, порачувајќи изложбата да биде инспирација за сè што допрва треба да создадеме.
Министерката потенцира дека енергетиката не е само инфраструктура, туку дел од секојдневниот живот на граѓаните и еден од темелите врз кои се гради современото општество.
„Живееме во време кога енергетиката се менува побрзо од кога било. Зелената транзиција, новите технологии, паметните мрежи и обновливите извори на енергија се предизвици, но и можности што треба заеднички да ги искористиме. Затоа, искуството од изминатите дваесет години не треба да го гледаме само како повод за гордост, туку и како основа за иднината“, порача министерката Божиновска.






