сабота, 27 април 2024
Во Музејот на македонската борба и самостојност

Во вторник интересна трибина за зборообразувањето и иднината на македонскиот јазик

На 2 април, вторник, во 18 часот, во Музејот на македонска борба и самостојност, ќе се одржи панел-дискусија за процесот на зборообразување во македонскиот јазик, организирана од група негови ентузијастични љубители, „современи зборци, понесени од љубовта кон нашиот јазик, неговата недокажана приказна, секојдневно соочени со потребата за негов развој“. Да им се придружиме и да бидеме дел од разговорот за иднината на македонскиот јазик.

Објавено на

часот

Сподели

Говорници во дискусијата ќе бидат проф. д-р Славица Велева, професорка по предметот Зборообразување на Филолошкиот факултет при УКИМ, Фросина Пармаковска, авторка, проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија, кои ќе ги споделат своите истражувања, искуства и размислувања за значењето и влијанието на зборообразувањето како алатка за развој на македонскиот јазик. Настанот ќе биде модериран од новинарот Васко Попетревски.

„Ќе отвориме дискусија“, велат на Фејсбук организаторите, „ќе се запознаеме со теоретскиот и практичниот дел од процесот на создавање нови зборови и ќе го поставиме прашањето дали сме доволно продуктивни во негувањето и развојот на нашиот јазик.“

„Преку дискусијата, ќе се осврнеме на потребата од повторна кодификација на македонскиот јазик, разгледувајќи дали постојат аспекти што бараат освежување или модернизација во согласност со современите теченија. Дискусијата се надеваме ќе нѐ наведе кон размислување за зборовите што се сметаат за дел од македонската јазична средина, а сепак не се официјално признаени во речниците, истражувајќи ги нивните корени и значење.

Покрај тоа, ќе разгледаме од каде произлегува потребата за нови зборови и зошто оваа потреба е клучна за еволуцијата на јазикот.

Дали технолошкиот напредок, социокултурните промени или нешто трето е тоа што го принудува јазикот како жива материја да расте и да се развива? Но битно е и да ги поставиме и личните прашања – колкава е нашата улога во активното обликување на јазикот и дали сме мрзливи во употребата и развојот на македонскиот јазик или пак нашата креативност цвета на друг јазичен терен? На настанот ќе разговараме за овие прашања и ќе бараме начини како активно да придонесеме кон збогатувањето на нашиот јазик.

Овој настан е место каде што љубителите на македонскиот јазик, историја и култура, ќе можат да разменат идеи и да најдат сопствен начин за збогатување на нашето јазично наследство. Придружете ни се и бидете дел од разговорот за иднината на македонскиот јазик. Влезот е бесплатен“, велат организаторите Игор Антов и Виктор Бучковски.

Се надеваме дека тие со оваа и со други акции ќе успеат да му го вбризгаат насушно потребниот идеализам и оптимизам на македонскиот прекрасен, но напатен и запуштен јазик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ