Овие критики најчесто доаѓаат од политичари, но и од архитекти, интелектуалци и аналитичари зависно од партиската припадност. Главно, работите околу проектот „Скопје 2014“ се толкуваат во црно-бела техника.
Според мене, најголемата грешка е што проектот се направи одеднаш „на ура“ без пошироки консултации во јавноста и дискусиии во поширок круг. Веднаш да кажам дека спомениците не ги коментирам во овој напис, туку предмет се обновените фасади.
Сепак, само да спомнам на кратко за неколку нови згради од јавен карактер во тој проект. На пример, не гледам ниту една причина зошто на најубавата локација во градот Скопје, во строгиот центар на кејот на реката Вардар, се лоцирани следниве згради (институции на РМ): Државен архив, Уставен суд, Јавно обвинителство, Археолошки музеј и др. Овие јавни институции имаат работно време до 16 часот, а потоа тој простор е речиси „мртов“. Повторувам, тоа е најатрактивната локација во центарот на градот.
Не сакам да дискутирам за стилот на градбите на зградите од проектот „Скопје 2014“, дали е добро да се во стил на барок или не. Целта ми е да се осврнам на стиропор фасадите кои се често пати спомнувани во негативен контекст. Очигледно таквите критичари не се доволно упатени што се случува со еден многу значаен дел од секторот енергија, а тоа е енергетската ефикасност. Па тоа е прва и главна активност во енергетската транзиција. Денес не е дозволено да се градат зградите (и колективни и индивидуални) без топлинска изолација на оградувачките површини (ѕидови, таван и под). Таа значително ги намалува топлинските загуби на просториите во зима и топлинските добивки во лето. Со други зборови, се намалува потрошувачката на енергија. Не навлегувам во проценка дали топлинската изолација е (или не е) доволно квалитетно изведена.
За топлинска (термичка) изолација се користат следниве материјали: стиропор, минерална волна, полиуретан и др., но најчесто се користи стиропор, особено кај вертикалните ѕидови. Ако се направи споредба на еден вертикален ѕид направен од 20 см цигла, двострано малтерисан, без изолација, и ако во истиот ѕид се вгради плус 10 см стиропор, тогаш седум пати се намалува преминот на топлина низ тој ѕид кога има изолација. Моја препорака е да се вградува најмалку 12 см стиропор на вертикалните ѕидови, а пожелно е 15 до 20 см. На пазарот кај нас има стиропор со коефициент на топлинска спроводливост (ламбда) од 0,04 W/(mK), a има и поквалитетни видови стиропор со помал коефициент на спроводливост.
Но со ставање топлинска изолација на објектот има и други придобивки:
– Значително намалување на трошоците за греење и климатизација;
– Опремата за греење и климатизација ќе биде со помал капацитет, а тоа значи и со пониска цена;
– Инвестицијата ќе се исплати за неколку години;
– Се подобруваат комфорните услови и во зимскиот и во летниот период;
– Се избегнува кондензација на влага на внатрешните површини на ѕидовите (во зима);
– Се подобрува звучната изолација;
– Помала потрошувачка на енергија значи помала емисија на стакленички гасови.
Топлинската изолација на зградите е директно или индиректно опфатена во законски и подзаконски акти на РМ. Некои од нив се: Закон за енергетска ефикасност; Правилник за енергетски карактеристики на зградите; Правилник за енергетска контрола и др. Овие документи се изработени во сообразност со соодветните документи на Европската Унија. Всушност, тие се преведени на македонски јазик за нашите услови. Но како и многу други закони и прописи, тие не функционираат (не се спроведуваат) како што треба од разни причини: или нема комплементарни подзаконски акти, или нема доволно соодветен стручен кадар, нема субвенции или се премногу мали итн.
Според законот за градење, не може да се добие одобрение за градба ако нема енергетски елаборат за зградата (или куќата). На крајот, по завршување на градењето, не може да се добие дозвола за употреба на зградата без енергетска контрола од овластен орган и без енергетски сертификат (пасош). Уште поголема (поопфатна) обврска е реновирањето на старите (постојните) згради со одредена динамика во следните две и пол децении. Во Стратегијата за енергетски развој на РМ е предвидено темелно реновирање на постојните згради со годишна стапка од 1% до 3% во зависност од типот на истите: резиденцијални, комерцијални, на локалната или на централната власт. Мора да се стави топлинска изолација, а најчесто употребуван изолационен материјал е стиропорот.
Една од главните препораки на Парискиот договор за климатски промени е изградба на згради со нула енергија (zero energy building), а тоа значи со многу висока енергетска ефикасност. Односно, згради со нето нула емисии на јаглерод-диоксид.
Според тоа, ставањето на стиропор фасади во негативен контекст е голема грешка и претставува дезинформација на јавноста со огромни негативни последици во енергетскиот сектор. Повторно да нагласам дека целта на овој напис не се спомениците на “Скопје 2014“, ниту стилот на градбите.
Д-р Ристо Цицонков,
редовен професор Машински факултет – Скопје