Шпионскиот сателит со синтетички апертурен радар (САР) е закажан да биде лансиран околу 6 часот наутро по централно европско време во недела од вселенската станица Кејп Канаверал во Флорида, објави новинската агенција Јонхап, повикувајќи се на Министерството за одбрана.
Сателитот е петтиот и последен воен сателит што ќе биде лансиран како дел од планот на Сеул за распоредување пет сателити до крајот на оваа година за да го прошири надзорот врз воените активности на Северна Кореја и да ја намали зависноста од американските сателитски снимки.
„Работењето со вкупно пет извидувачки сателити во кластер ќе овозможи побрзо и попрецизно откривање на знаци на севернокорејски провокации“, соопшти министерството.
Откако сите пет сателити ќе бидат во орбитата, се очекува земјата да може да ја следи Северна Кореја на секои два часа.
Јужна Кореја го лансираше својот прв шпионски сателит во декември 2023 година, опремен со електрооптички и инфрацрвени сензори способни да снимаат детални слики. Оттогаш лансираше уште три.






