недела, 28 април 2024

Ројтерс: Зошто Русија го менува терминот за војната?

Кремљ денеска соопшти дека она што повеќе од две години го нарекуваше „специјална воена операција“ во Украина сега „стана војна“ поради вмешаноста на Западот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еве зошто Русија ја менува својата терминологија, вели Ројтерс.

Тоа отсекогаш беше војна, па зошто да го нарекуваме „специјална операција“?

Претседателот Владимир Путин го скова терминот „специјална воена операција“ – руските иницијали се СВО – на 24 февруари 2022 година, денот кога ја почна својата целосна инвазија на Украина. Користејќи го тој еуфемизам, тој создаде очекувања за акција што ќе биде ограничена во време и обем и нема да влијае на нормалниот живот на повеќето Руси. Тој, исто така, ги задуши критиките за инвазијата и го направи кривично дело опишувањето на војната како војна, со потпишување закони со кои се предвидуваат долги затворски казни за „дискредитирање“ на вооружените сили или ширење „лажни информации“ за нив.

Што се смени во терминологијата на Русија со текот на времето?

Претставата дека Русија не води вистинска војна стана невозможна да се одржи, со оглед на обемот на жртвите, огромниот пораст на трошоците за одбрана и военото производство, како и зачестеноста на украинските напади не само во пограничните области, туку и длабоко на руската територија. Путин продолжи да го нарекува СВО, вели Ројтерс, но на Русите сè повеќе им го прикажува конфликтот како егзистенцијална борба слична на онаа што ја водеше Советскиот Сојуз против нацистичка Германија во Втората светска војна. Тој го обвини Западот дека ја користи Украина како арена за да води војна против Русија, снабдувајќи ја со оружје, пари и разузнавачки информации.

Па што вели сега Кремљ?

Портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, рече дека СВО станала војна кога Западот се приклучил на страната на Украина. Рече дека сите треба да го разберат ова заради својата „внатрешна мобилизација“ – фраза што сугерира дека Кремљ сака промена во националниот начин на размислување за да ја сплоти целата земја во поддршка на воениот потфат.

Зошто токму сега, и што следува по ова?

Промената на термините следува пет дена откако Путин освои нов шестгодишен мандат на претседателските избори на кои на двајца кандидати што се противат на војната им беше забрането да учествуваат. Русија, исто така, сега сѐ повеќе зборува за потребата од заземање повеќе украинска територија – Путин оваа недела рече дека можеби ќе треба да создаде тампон-зона за да ја заштити сопствената територија од напади, а Песков рече дека Русија мора целосно да ги „ослободи“ четирите региони на Украина, за кои тврдат дека се руски, но кои само делумно ги контролираат. Промената на нивната терминологија сугерира дека Путин, охрабрен од рускиот напредок во изминатите неколку недели и одложувањата во снабдувањето со нова американска помош за Украина, сега ја претвора војната во одлучувачка мисија на своето владеење. Клучното прашање во наредните месеци ќе биде дали Путин ќе одлучи, покрај „внатрешната мобилизација“ на која повика Песков, да изведе и вистинска мобилизација како онаа што ја нареди во 2022 година, кога да се борат беа повикани 300.000 дополнителни резервисти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ