Во јавниот повик објавен на општинската веб страна е наведено дека се бара заинтересирано правно лице или здружение на граѓани со кое ќе се склучи меморандум за организирање на манифестацијата со назив ,,Дојранско културно лето-Дојрански ракувања”.
Настаните е предвидено да се одржуваат на три локации во Стар Дојран – летната сцена под јаворите во центарот, на амфитеатарот и на паркингот пред недоизградениот објект на ,,Гранит”, локација на која до пред 2 години се одржуваше Д -фестивалот. Сите настани ќе се одржуваат во јули и август, а во објавата се наведува дека Општина Дојран нема финансиски да ги подржува манифестациите, но ќе има обврска кон организаторот да му овозможи користење без надоместок на јавните површини во наведените локации и ќе овозможи инфраструктурни приклучоци за одржување на настанот.
Заинтересираните треба да се пријават со програма за настани, кон која ќе приложат и доказ дека во последните две години организирале настани и манифестации од културно- забавен карактер.






