сабота, 6 јуни 2026
РЕПОРТАЖА

Шандонг – наследството на Конфуциј и третата економија на Кина

Две недели сме во Кина – петмина новинари во т.н. група на Источна и Централна Европа, на програмата Министерството за надворешни работи на НР Кина, во која учествуваат 100-ина новинари од цел свет – и првпат треба да „излеземе“ надвор од Пекинг. Во нашиот случај, категоризацијата Централна и Источна Европа се сведува на новинари од: Македонија, Албанија, Србија, Словенија и Романија. Патуваме во провинцијата Шандонг, и тоа со брзиот воз, кој развива брзина од 350-360 км на час.

Објавено на

часот

Сподели

Причината да го „напуштиме“ Пекинг е конференцијата „Недела на меѓународна соработка и размена на Шандонг и пријателските градови“, во рамките на која се одржува и состанокот на локалните лидери од Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Првичниот предизвик на запознавањето на Кина за странците, веројатно е соочувањето со неизбежноста да го прифатат својот дигитален идентитет за да можат да функционираат во секојдневјето. За почеток, треба да се сведе на минимум навиката да го барате паричникот, туку никогаш да не го заборавате телефонот кога станува збор за плаќање. Односно, прво што треба да се направи е да се инсталира апликацијата „вичет“, која ќе биде носител на дигиталниот идентитет, средство за комуникација, идентификација, навигација, „банкар“ и финансиски советник…, што сакале или не, ве втурнува да „пливате“ во дигиталната ера која Кина на големо ја живее како вообичаена современост. Но во тој видлив технолошки и урбан прогрес на Кина, и тоа на секој чекор, она што импресионира е љубезноста и подготвеноста на Кинезите да помогнат на секој „збунет“ странец, обично со апликации за преведување. Пекинг е мегалополис, а впечатокот дека блоковите со облакодери и булеварите се „надградуваат“ како во ново ниво на видеоигра, ги активира љубопитноста и прашањето – постојат ли некаде во оваа Кина со футуристички амбиции, видливи „траги“ од онаа традиционална цивилизација од неколку илјади години, мистична и привлечна за „западниот свет“, предизвик и секогаш со не докрај разбрана филозофија на постоењето од мислителите од „остатокот на светот“.

Потрага по традицијата меѓу облакодерите

Провинцијата Шандонг, звучи „ветувачки“ дека го чува духот на традицијата, иако програмата за посетата на новинарите од Источна и Централна Европа е насочена главно на запознавање со економскиот и технолошкиот напредок на регионот. Ветувачкиот момент е поттикнат од фактот дека оваа кинеска провинција е всушност родното место на филозофот Конфуциј.

Иако живеел во 6 век пред нашата ера, наследството на Конфуциј е активно до денес, па се знае дека оние со презимето Кунг се од семејството на филозофот. Всушност постои и комисија за Конфуциевото родословие, според која денес Конфуциј има речиси 3 милиони потомци. Семејството на Конфуциј денес го има сочувано најдолгото родословие во светот, а најмладата генерација на директни потомци е 83-та по ред, сметајќи по неговата смрт.

Освен Конфуциј, провинцијата Шандонг има долга и богата историја. Таа е една од важните лулки на древната кинеска цивилизација. Траги од човечка активност се пронајдени тука кои датираат од пред 400 илјади до 500 илјади години. Познати неолитски култури од доцното примитивно општество, како што се културата Давенкоу и културата Лонгшан, за прв пат биле откриени во Шандонг.

Шандонг се гордее со пет места на светското наследство на УНЕСКО: планината Таи, Трите конфучијански места (храмот на Конфуциј, гробиштата на Конфуциј и куќата на семејството Конг) во Куфу, Големиот ѕид на државата Чи, Големиот канал (дел Шандонг) и светилиштата за птици – преселници долж брегот на Жолтото Море – Заливот Бохај. Шандонг ужива стратешка локација како клучен транспортен центар. Се граничи со Пекинг и Тјенџин на север, се поврзува со Шангај и други големи кинески градови на југ, се гледа кон Жолтото Море и Бохајското Море на исток и гледа преку морето кон Јапонија и Република Кореја. На запад, служи како порта кон Централна Азија преку внатрешниот слив на Жолтата Река.

Сместен на источниот брег на Кина, во долниот тек на Жолтата Река, која Кинезите ја нарекуваат „Мајката Река“ – Шандонг е област со длабока историја и жива модерност. Навистина, сега при создавањето на првиот впечаток, се чини дека домаќините во Кина повеќе инсистираат на таа „жива модерност“. Всушност таа модерност доминира и ја исполнува секоја перцепција во главниот град на провинцијата, Џинан. Поради брзината на возот со кој го минавме растојанието од околу 400 километри меѓу Пекинг и Џинан за час и половина (и тоа спиејќи), по пристигнувањето во главниот град на Шандонг се чини како да не сме излегле од Пекинг. Модерниот урбанистички концепт со импресивни облакодери и широки булевари, понекогаш создава впечаток дека сте во ист град, особено што градските патувања во Пекинг со „диди“ (кинеска верзија на „убер“ – такси преку апликација) или со метро, знаат да траат колку патувањето до Џинан. За среќа, цените на „диди“ и на пекиншкото метро се сосема пристојни, дури и за македонски стандард.

Џинан – дигитална реалност и театар на сенки

Сепак, набрзо станува јасно дека Џинан си има посебна приказна од Пекинг. А таа, за нас започнува со фирмата Дигиталниот свет на Џинан. Со првиот чекор во изложбениот простор на фирмата, се исклучувате од реалниот свет, каде во тоа време всушност истураше дожд. Внатре владее „дигитална реалност“, понапредна и од онаа во секојдневието на Кина. Добиваме слушалки за превод на презентацијата, (ги добиваме всушност секаде при секоја официјална посета), но можеби и за да се „интегрираме“ психолошки во дигиталниот свет. По посетата, можеме да се „пофалиме“ во сопствените биографии со искуство на восприемени аудиовизуелни ефекти на 5Д-кино, фантастично истражување на просторот на метаверзумот, интелигентно сликање со вештачка интелигенција, па дури и играње интерактивни дигитални игри… Имавме дури и симулација на лет на Џинан, а бевме информирани и за прогресот во агрокултурниот сектор со учество на дигиталната технологија.

Потоа имавме можност да ја посетиме водечката фирма во металната индустрија, „Бодор“, која обработува метални површини со ласери, а на некои од машините работат роботи, но сепак управувани од инженерите. Фабриката, однадвор изгледа како детска фантазија за вселенска станица, но сепак најголем впечаток остави реалниот момент со саксии цвеќиња спатифилум покрај секој компјутер на вработените во фирмата.

Наредниот ден конечно сме во пагода, храм во центарот на Џинан, но и тој модерен, со лифт и друга дигитална инфраструктура, покрај паркот со езера и извори. Сепак, и покрај дождот (кој не престанува два дена), добиваме ударна доза од автентичната Кина, или можеби она што од македонска перспектива нам ни изгледа како автентична кинеска традиција. Искуството се засилува со посета на театарот на сенки, па на чајџилница каде што речиси ритуално се подготвува кинескиот чај, кој се пие од чашки, што ние би ги нарекле како за ракија.

Линји – културен шок од театарски спектакл

Продолжуваме понатаму, во Линји, но сè уште сме во провинцијата Шандонг. Уште еден мегалополис кој фасцинира со високи градби кој навечер светат како сцени од футуристички филм, мостови со инвентивна архитектура. Првата вечер во Линји, имаме гастрономско соочување со специјалитетот пржени (или можеби беа печени) скорпии и ларви од некакви инсекти. Консумацијата остана само на визуелно ниво, иако се охрабрувавме некој да ги вкуси, па да им каже на другите какви се за јадење. Сепак, гастрономскиот предизвик го оставаме за друг пат.

Но вистинскиот „културен шок“ се случува на сцената во стариот град (секако модернизиран како туристичка атракција) на претставата со тема од кинеските херојски приказни од 17 век. Приказна со херои и антихерои, во кое на крајот доброто го победува злото…, а во меѓувреме од час и половина – спектакуларно шоу со артистичка игра, танчери и акробати кои излегуваат од неочекувани места во просторот, сцена и сценографија од тврдини кои се управуваат и преместуваат дигитално, борби на коњаници, кучиња што глумат волци, визуелни и звучни ефекти, холограми, пеперутки-дронови и финале со огномет… И сето тоа технички прецизно координирано… Доживувањето на кинеската публика е емотивно и поврзано со приказната, а за нас Европјаните (од Источна и Централна Европа) – чудо на уметноста и технологијата, уверени дека присуствувавме на настан каде приказните стануваат реалност.

Кинезите веруваат во среќа, а речиси целиот свет верува во оние пораки во колачиња за среќа, кои се нарекуваат кинески. А во Шандонг постои село, каде од „каменот се претвора во злато“. И не е никакво чудо, туку сосема материјална и функционална бизнис-идеја. Во тоа село има фирма која изработува гипсани јајца (и други форми) за игри на среќа. Всушност стопанската дејност на целото село од 1.920 жители е производство на тие реквизити за среќа од гипс. Велат дека се среќни што носат среќа низ цела Кина. Деведесет отсто од потребите за вакви производи во Кина ги „покрива“ ова село. Имаат дури и извоз во соседните земји, а подготвени се за соработка и со подалечни земји. Среќата се крие во малите нешта, само треба да биде препознена!

Финалето на запознавањето со провинцијата Шандонг е одгледување убавина – оранжении за орхидеи на површина од 20.000 метри квадратни. Навистина, во оранжериите се одгледуваат и други овошја и зеленчуци, но за влез кај орхидеите се спроведува посебна дезинфекциска процедура на сите посетители. Орхидеите кои се во процес на формирање, може да се гледаат само преку стакло – нема пристап ни за дезинфицирани посетитители.

Провинцијата Шандонг има 100 милиони жители, со БДП од 1,49 трилиони долари и е трета најголема економија во Кина. Го има Конфуциј како светско културно наследство и традиционална вредност вградена во модерната просперитетна сегашност (и иднина). Но она што може да се добие како награда од „личното“ запознавање со Шандонг е дека среќата и убавината доаѓаат кога се негуваат со добра мисла.

За Мкд.мк од Кина – Јасминка Павловска

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ