„После сите лаги за наводно ново парламентарно мнозинство, Христијан Мицкоски треба да излезе пред граѓаните и да си даде оставка. Заради желбата за власт Мицкоски седна на иста маса со политичари кои се анти НАТО и анти ЕУ, со политичари кои се против Договорот од Преспа, против Охридскиот рамковен договор, против концептот едно општество за сите. Неуспешниот обид за создавање ново парламентарно мнозинство, покажа и дека Димитар Апасиев не е ништо друго освен обичен потрчко на Мицкоски.
Стана јасно дека Левица е исто што и ВМРО-ДПМНЕ, дека Мицкоски и Апасиев се едно исто.
Сѐ што Мицкоски кажа – излажа. Дури и парламентарното мнозинство го кроеше преку лаги и измами кон луѓето со кои седеше на иста маса. Мицкоски кончено треба да покаже грам одговорност и да си даде оставка“, изјави Дарко Каевски од СДСМ .
Тој го повика Мицкоски да им се извини на граѓаните за сите лаги со кои ја замајуваше јавноста, а потоа да преземе одговорност и да се повлече од политиката.
Одговорот од ВМРО-ДПМНЕ стигна од Димче Арсовски кој го нарече Заев најголем лузер, најголем измамник и киднапер.
„Отсуството на срам за сите случувања изминативе 4 години во СДСМ и кај Зоран Заев, а вклучително и кај неговите протагонисти чии фотелји и бизниси зависат од власта на Зоран Заев е највисок чин на потврда дека Република Македонија е водена од мафија по теркот на јужноамериканските нарко картели.
Најпрвин крадеа изборни процеси со гласање на 4 секунди, потоа почнаа да шверцуваат дрога преку државни органи и ресурси, за на крај да киднапираат пратеници за да ја задржат власта преку која крадат, пустошат, малтретираат и го држат жив хибридниот режим. За сето ова е виновен Зоран Заев.
Зоран Заев е лидер на нарко картел, а не на Влада.
Ако го погледнете лузерот Заев, сите ќе сфатите дека тој е очаен и човек во агонија, кој заради тоа што е киднапиран од сопствените криминални пориви, мораше да киднапира како власт пратеник за да се спаси од одговорност некое време.
Ако Зоран Заев ја киднапира СДСМ како партија и не сака да ја испорача оставката, народот е тој кој ќе му ја испорача оставката и ќе го прати во историја“, вели Арсовски.
Тој им порача на, како што рече, оние кои се сметаат за чесни функционери на СДСМ, дека со бранењето на „најголемиот криминалец во историјата на Македонија, го бранат криминалот, се согласуваат дека не треба да има одговорност за 14 изгорени во Тетово, се согласуваат со шверцот на дрога, се согласувате со хибридниот режим“.






