Станува збор за повреди, контузии, кои се одлично третирани од лекарите, само еден од повредените има скршеници, рече Филипче, кој изрази благодарност до бугарскиот премиер Јанев, до директорот на болницата и до лекарите и целиот тим на болницата во Софија.
„Страшна трагедија се случи, загинаа 46 лица, 12 се деца. Бугарските власти брзо реагираа, премиерот Јанев пристигна на местото на несреќата и затоа сме благодарни. Ќе бидеме во контакт, со цел натамошен третман на повредените и нивно преземање на лекување во Скопје“, рече Филипче.
На новинарско прашање Филипче рече дека има повеќе членови на едно семејство и од тоа семејство најмладиот член е девојка на 16 години, додека другите се постари од 40 години.
Министерот Османи рече дека станува збор за огромна трагедија.

„Голема трагедија, овдешните власти брзо реагираа, станува збор за 53 граѓани државјани на Северна Македонија што патувале од Истанбул за Скопје“, изјави Османи.
Несреќата се случила околу три часот утрово, кога во оган изгоре македонски автобус. Според бугарското обвинителство, несреќата ја преживеале седум патници.






