На конференцијата во организација на Институтот за македонска литература кој при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” кој одбележува 40 години од основањето, а кога се одбележува и 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески, претседателот Пендаровски нагласи дека треба да биде присутно сознанието дека сме имале за наш современик личност која е единствена во своето слово, во својата мисла, со својот професионален, творечки и научен капацитет, но, не помалку важно, и со својот човечки интегритет.
„Конески претставува синергија на древното и на современото, врв од кој може да се види огромната ризница на нашето современо, но и наследено културно богатство. Чест ми е што сум покровител на низа настани со кои ќе се обидеме барем делумно да му се оддолжиме на Конески за сето она што го направи за нашата култура, книжевност и јазик. За патоказите на современоста кои ги воспостави, а кои ние имаме должност да ги надградуваме. Во ракопис, печатено или дигитализирано, наследството на Конески, но и воопшто, севкупното наше културно и книжевно наследство не смее да остане архива за која ќе се интересираат само истражувачите: тоа треба да биде приопштено на соодветен начин на секој наш граѓанин, особено на помладите генерации, обликувајќи ги и еманципирајќи го нивниот светоглед“, рече шефот на државата.

Пендаровски оценувајќи ја најпозитивно работата на архивирање на културното, книжевно и јазично наследство истакна дека не смее ниту да се помисли да запре одговорното архивирање, со постојаното научно, креативно и критичко промислување на контекстите во кои е создавано книжевното културно наследство.
„Ако тој процес запре, бездруго ќе запре и идејата за творење како културен и општествен процес иманентен на луѓето“, нагласи тој.
Како што оцени претседателот Пендаровски, научниот собир е уште една потврда дека воопшто не треба да стравуваме од евентуалната загрозеност на книжевно-јазичното културно наследство.
„Неговата заштита била и ќе биде обмислувана на највисоко научно рамниште, а, со современите алатки на дигиталното доба во кое живееме, ќе биде впишано и во софтверот и во хардверот на сегашноста, се разбира, во име на иднината“, порача шефот на државата.







