
Според податоците објавени на страницата на Државната изборна комисија во 22.30 часот, од обработени 55 отсто од гласачките места, за Дука гласале 1.972, односно 49,47 отсто, а за Поцеста 1,937 или 48,6 отсто.
Како што објави МИА, во и пред изборниот штаб на огранокот на ДУИ се слави, со сирени од автомобили, со огномет и зурли и тапани. Пред насобраните се обрати шефот на Изборниот штаб Артин Спахиу, кој рече дека тие се партија која се грижи за сите, чии цели се НАТО и ЕУ а на македонски се заблагодари и за „ безрезервната подршка на СДСМ“.
Кусо се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека Дебар и дебрани секогаш знаеле да го изберат она што е најдобро за нив и вети продолжување на поддршката од централната власт.
„Драги и почитувани мои сограѓани од срце ви благодарам за поддршката што ми ја дадовте и во следните четири години да бидам на чело на општината. Верувам во Бога и во Вас и заедно општината ќе ја направиме подобро место, онака како што заслужува Дебар. Како и до сега и во иднина ќе бидам градоначалник на сите, независно од национална, верска, партиска или било каква припадност. Сега ве повикувам да прославиме, достоинствено без никакви провокации на плоштадот Скендербег, а од утре да ги засукаме ракавите и ќе работиме во остварување на ветеното“, рече Дука во, како што самиот го нарече, повеќе од емотивно обраќање.
Тој беше градоначалник на Дебар и во изминатите две и пол години.






