Во соопштението партијата наведува дека коалицијата Вреди избрала „двајца кормилари да го водат истиот брод што веќе забрзано тоне“, оценувајќи дека ваквото раководство е признание за недоверба и внатрешна поделеност.
„Наместо визија, тие понудија пазар на ега, бидејќи никој не сакаше да му го отстапи местото на другиот, па решија да глумат партија со двајца претседатели“, велат од ДУИ.
Според партијата, Вреди се обединил „само за заедно да се распадне“, а поставувањето на двајца лидери е доказ дека коалицијата е поделена на фракции уште пред да почне да функционира. Воедно, тврдат дека дел од министрите и функционерите од нивните редови веќе се дистанцирале од проектот.
ДУИ оценува дека Албанците не заслужуваат политички експерименти и дека, како што велат, Вреди ја жртвувал иднината на сопствениот народ за зачувување на фотелјите.
Во соопштението се наведува и дека коалицијата се соочува со „кадровски дебакл“, додека истовремено испраќа пораки за „нула корупција“.
Партијата упати низа критики и за, како што тврдат, неисполнетите ветувања на ВЛЕН, меѓу кои уставните измени, децентрализацијата, инфраструктурата, албанската академија, најавената „албанска банка“, затворањето на обложувалниците и казината, како и прашањата поврзани со Охридскиот договор и употребата на албанскиот јазик.
Од ДУИ обвинија и дека ветувањата за граѓаните како „акционери“ во јавните добра завршиле со корист за луѓе блиски до раководството на коалицијата.
На крајот од соопштението, партијата порача дека функционерите на Вреди „многу брзо ќе бидат подложени на меѓународен ветинг за имотот“, како и на ревизија на, како што наведуваат, „криминално стекнатиот имот на кланот околу Меџити“.






