понеделник, 15 јуни 2026

Израел остро реагира на договорот меѓу САД и Иран: „Ќе мора сами да го урнеме режимот во Техеран“

Израелските политички лидери со голема резерва и критики го дочекаа рамковниот договор меѓу САД и Иран за прекин на војната и повторно отворање на Ормускиот Теснец, додека официјален Ерусалим инсистира дека ќе ја задржи слободата за воени дејства против заканите во регионот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден од најострите коментари дојде од израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич, кој оцени дека договорот е „лош за Израел“ и за „целиот слободен свет“.

„Заедничката кампања постигна многу во слабеењето на Иран и тие резултати нема да бидат залудни. Ќе мора да продолжиме со кампањата за самите, на креативни начини, да го урнеме режимот и да обезбедиме Иран никогаш да не добие нуклеарно оружје“, напиша Смотрич на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека израелската влада е изложена на огромен меѓународен притисок и порача дека Израел нема да се повлече од своите безбедносни позиции.

„Во Либан ќе бидеме ставени на тест. Ова е наша војна, наши борци и непосредна безбедност на жителите на северот. Ќе продолжам да дејствувам за да останеме цврсти на нашите позиции и на Израелските одбранбени сили да им обезбедиме целосна слобода на дејствување во понатамошното потиснување на Хезболах“, наведе Смотрич.

Според Ројтерс, рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран предвидува прекин на воените операции, повторно отворање на Ормускиот теснец и 60-дневен период за преговори за нуклеарната програма на Иран и други спорни прашања.

Израел, сепак, не крие дека има сериозни резерви кон договорот, особено во делот што се однесува на Либан и идните ограничувања на неговите воени операции. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека израелската војска ќе остане во безбедносните зони во Либан, Сирија и Појасот Газа на неопределено време за да ги заштити границите и израелските населби.

Кац предупреди дека доколку Иран го нападне Израел поради случувањата во Либан, израелската армија ќе одговори „со сета своја сила“ и ќе му ја покаже на Техеран разликата во воените капацитети.

Ројтерс претходно објави и дека премиерот Бенјамин Нетанјаху во приватни разговори признал дека Израел има ограничено влијание врз одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Иран и дека Ерусалим бара да ја задржи слободата за воени операции на сите фронтови, особено во Либан.

Во меѓувреме, меѓународната заедница генерално позитивно го поздрави договорот. Обединетите нации го оценија како значаен чекор кон смирување на состојбата, а европските земји изразија подготвеност да го поддржат процесот доколку Иран преземе цврсти чекори за ограничување на својата нуклеарна програма.

Израелските десничари: „Трамп излезе губитник“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху сè уште јавно не се огласил за договорот меѓу САД и Иран, но реакциите на провладините коментатори и медиумски личности откриваат растечко незадоволство и фрустрација кон Вашингтон и администрацијата на Доналд Трамп.

Еден од најпознатите водители на провладиниот израелски Канал 14, Јинон Магал, на социјалната мрежа Икс напиша дека американскиот претседател Доналд Трамп „излегол како губитник“, а американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го нарече „ѓубре“.

Магал, кој претходно самиот се опишувал како „канал“ за пораките на Нетанјаху, ги обвини специјалните пратеници на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, дека извршиле влијание врз американскиот претседател под притисок на Катар.

На социјалните мрежи тој тврдеше дека „Катар ги купил со многу пари“ и дека „ги предале своите браќа во Израел“.

Според достапните информации, катарските посредници вчера престојувале во Техеран на разговори непосредно пред објавувањето на договорот.

„Препуштени сме сами на себе“, заклучи Магал.

Нетанјаху наводно приватно ги обвинил Кушнер и Виткоф

Еден израелски извор изјавил за Си-ен-ен дека Нетанјаху и приватно ги обвинил Кушнер и Виткоф за создавање раздор меѓу Израел и Соединетите Американски Држави.

Според истиот извор, Нетанјаху смета дека врз нив влијаел Катар, кој од страв од Иран поддржувал ставови што дополнително го продлабочиле јазот меѓу Ерусалим и Вашингтон.

Уште еден познат коментатор на Канал 14, Шимон Риклин, на социјалните мрежи порача:

„Трамп ја прави Америка послаба од кога било.“

Во меѓувреме, истакнатиот десничарски политички аналитичар на израелскиот Канал 12, Амит Сегал, го цитираше Хенри Кисинџер со пораката:

„Можеби е опасно да бидеш непријател на Америка, но да бидеш нејзин пријател е кобно.“

Ваквиот бран критики и непријателски тон кон Трамп претставува остар пресврт во однос на почетокот на војната со Иран, кога американскиот претседател добиваше силна поддршка од израелските десничарски политички кругови, а Трамп и Нетанјаху настапуваа како блиски сојузници.

Во последните недели, додека Трамп настојуваше да обезбеди прекин на конфликтите на Блискиот Исток, тензиите постепено се зголемуваа поради преговорите со Иран и условите за примирје со Хезболах во Либан, што дополнително ги затегна односите меѓу Вашингтон и Ерусалим.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ