„Во моментов проценуваме дали Србија сè уште ги исполнува условите за исплата во рамките на европските финансиски инструменти. Сега ќе почекаме да видиме како Србија ќе реагира на извештајот на Венецијанската комисија за промените во судските закони и јасно е дека очекуваме Србија 100 проценти да се придржува до она што ќе го каже Венецијанската комисија“, изјави комесарката за проширување Марта Кос во дебата во Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент.
Кос истакна дека Комисијата е „сè позагрижена“ за она што се случува во Србија, меѓу другото, за промените во законите кои ја поткопуваат независноста на судството, справувањето со демонстрантите и загрозувањето на независноста на медиумите и непочитувањето на надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Очекуваме дека Србија ќе обезбеди слобода на изразување, дека ќе обезбеди слобода на медиумите, во спротивно нема да можеме да ги исплатиме средствата од Планот за раст“, порача Кос.
Планот за раст за Западен Балкан предвидува шест милијарди евра за шесте земји од регионот. Од нив, 1,6 милијарди евра се наменети за Србија, а досега на Србија ѝ се исплатени околу 110 милиони евра. „Затоа, околу 1,5 милијарди се под знак прашалник доколку Србија не ги исполни своите обврски“, кажа Кос.
„Во контакт сме со српското раководство, тие ветија дека ќе го исполнат она што е потребно. Сакаме да видиме дека Србија организира слободни и фер избори. Очекуваме Србија да ги спроведе сите други препораки поврзани со изборите“, заклучи Кос.






