„Добро е што јавно се зборува за медиумската писменост и исто така е добро што е формирана Мрежа за медиумска писменост во која партиципира и македонската Медиумска информативна агенција-МИА. Но, мора секојдневно да се работи на зголемување на свеста за медиумска писменост и посебно да се раздвижи академската заедница која недоволно е активна, и недоволно посветена на медиумската писменост. Овој недостиг во јавноста може да се надополни со јасна и недвосмислена поддршка од Министерството за образование и наука и востановување редовен наставен предмет за медиумска писменост на сите нивоа на образование, нагласи проф. д-р Марјан Танушевски.
Во СВОТ анализа за актуелните состојби со медиумската писменост во земјава, нотирани се повеќе слабости, а закана се зачестените дезинформации, лажни профили и фејсбук инфлуенсери кои го загадуваат јавното мислење.
„Директните штетни влијанија врз медиумската писменост може да се отстранат со поддршка и мотивирање на професионалното новинарство. За жал новинарите не се доволно платени и се со низок стандард и затоа сѐ поретко се одлучуваат за истражувачко новинарство кое често е под притисок. Дел од медиумите се одлучуваат да продаваат информации, наместо да пренесуваат информации неправејќи разлика што е јавен, а што, комерцијален интерес. Но, најважно од сѐ е медиумската писменост да се развива низ соработка со институциите и ‘инфодемијата’ да се скроти со вештини и знаења“, посочи Танушевски.
Деновите на медумска писменост годинава се одржуваат под мотото „Брз прст, лажни вести носи“.