среда, 4 декември 2024

Одбележан Светскиот ден на дијабетесот: 130 илјади регистрирани пациенти, уште половина недијагностицирани

Со низа активности денеска по вторпат беше одбележан Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември. Во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДСМ) беше промовирана книгата „Да се храниме и готвиме здраво“ од Везире Старова, каде свои обраќања имаа претседателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари Димче Велев и заменик министерот за здравство Јовица Андовски.

Објавено на

часот

Сподели

Како што беше посочено на настанот, дијабетесот во земјава е во подем и има околу 130 илјади пациенти со дијагностициран дијабетес, како и уште половина од оваа бројка лица кои што не се дијагностицирани. Под мотото „Благостојбата кај лицата со дијабетес“ беше испратена порака за превенирање на компликациите на пациентите, да се обрне внимание на примарната заштита, како и навремено да се поставуваат дијагнозите на пациентите за отпочнување со терапија.

Претседателот на СЗДСМ, Велев, посочи дека е потребна достапност на иновативната терамија, како и да се продолжи со инсулинската терапија како досега. Повика на промена на моделот на т.н. референтна цена за граѓаните да можат сами да ги набавуваат потребните лекови во аптека.

„Го одбележуваме Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември, оваа година како финале на сите активности на 25-те здруженија од земјава, да ги слушнеме нивните гласови преку тие активности и да се решат нивните проблеми. Пред се достапност на иновативната терапија, да се продолжи со инсулинската терапија како што е, да се промени моделот на достапност на т.н. референтна цена, кај што граѓанинот, односно пациентот сам ќе си зема од аптека, систем за сите лица со дијабетес тип 1 во Македонија со цел да се намалат компликациите, да се намали нивното отсуство од работа и да се зголеми продуктивноста, со квалитетно менаџирање на тој систем за континуирано мерење на гликемија и секако ќе расте бројот на лица кои носат Т-1 пумпи“, посочи Велев.

Нагласи дека кардиоваскуларните заболувања се процентуално најзастапени, потоа ретинопатијата, затоа, додаде, потребно е час поскоро да се стави терапијата за ретинопатијата на позитивната листа.

„Кардиоваскуларните заболувања се најбројни, потоа ретинопатијата. Сакаме час поскоро да ја имаме таа терапија, наместо да ја купуваме приватно, која е многу скапа, да биде ставена на позитивна листа и да има за сите пациенти, а не како сега со ограничен пристап“, додаде Велев.

Заменик министерот за здравство Андовски, пак, истакна дека Министерството е во преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми.

„Министерството за здравство е во длабоки преговори со Светската здравствена организација за проширување на превентивните програми, бидејќи сметам дека треба таму се фокусираме. До крајот на годината ќе излеземе со детали во однос на проширување на програмите“, рече Андовски.

Светскиот ден на дијабетесот, денеска на Плоштад Македонија го одбележа и Асоцијацијата за детски дијабет на Македонија – Баланс МК, каде свое обраќање имаше и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски. Клековски истакна дека планот на ФЗО за следната година е затворање на разговорите со Синдикатите и матичните лекари, по што ќе може да се утврдат средствата со кои располагаат за лековите на позитивната листа.

„Работиме со Министерството за здравство да ги координираме меѓусебните односи, во однос на третманот на дијабетес. Знаете дека дијабетот е програма под Министерството за здравство, но секако дека не го исклучува и Фондот за здравство за својот дел на одговрности. Во основа работиме да видиме како може да ја подобриме комплементарноста во однос на таа програма. Нашиот општ план за следната година е час поскоро да ги затвориме разговорите со синдикатите и матичните лекари и тоа ќе ни овозможи да видиме какви средства ќе имаме на располагање за лекови на позитивната листа“, рече Клековски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ