Претставата е иницирана од Македонски телеком во копродукција со МНТ, а ќе биде дел од редовната поставка, т.е. на редовниот репертоар на театарот во месец декември. За идејата што стои зад овој проект и за ставовите искажани преку него, низ следните неколку прашања и одговори подобро ќе ни објасни токму Ана Ристоска–Трпеноска.
Едно поинакво искуство е пред вас – адаптација, колаж од делата на македонскиот драмски автор Горан Стефановски, кој остави длабока трага во македонската современа уметност, но особено во светот на театарот. Како дојде до идејата да се направи ваква претстава и зошто го прифативте овој проект?
– Горан Стефановски ги испиша едни од најтрагичните пиеси за нашето постоење, занимавајќи се со прашањата на идентитетот, себепотрагата, оттуѓеноста, поделбите… Притоа читајќи ги драмите од неговата прва и најплодна творечка фаза, имате чувство како тој цело време да испишува „една драма”, континуирано занимавајќи се со идентитетот, а ни ја раскажува секој пат на различен начин, создавајќи одново и одново нови возбудливи драмски заплети. Тоа е сврзното ткиво на оваа претстава. За мене беше предизвик но и огромна одговорност да работам на овој проект. Направивме пресек од неговото творештво – колаж од неговите најзначајни драми.
Вашите текстови често обработуваат тематики поврзани со самата човекова состојба, начинот на кој сите ние се справуваме со предизвици и емоциите кои ги чувствуваме во тие моменти. Дали токму денешниот свет послужи како инспирација за претставата „Замисли нов свет“?
– Секое уметничко дело, без разлика дали тематски се занимава со актуелната сегашност, минатото или иднината, секогаш во себе го содржи и одразува контекстот на времето во кое настанува.
Предизвикот пред кој како човештво стоиме денес е секако присутен во претставата. Денес кога светот повеќе од кога било е технолошки поврзан, ние луѓето сме сè поотуѓени.
Драмите на Горан Стефановски од друга страна, иако напишани пред триесет, четириесет години „пророчки” ги предвидуваат проблемите што следувале потоа и што ни се случуваат денес. Уметноста ја има таа моќ да ги антиципира процесите и насоките во кои ќе се движи едно општество.
Често во театарските кругови се вели дека најголемата пречка за реализација на една претстава е соодветната поддршка, како морална, така и финансиска. Овој проект е реализиран со Македонски Телеком, чија иницијатива #НаправиМесто се поврзува со творештвото на Горан Стефановски. Што значи да се има поддршка од големите брендови од земјата?
– Чувството е дека некој ја препознава културата и театарот како моќен медиум кој може да влијае и да ги менува на подобро работите во едно општество. Дека се вреднува интелектуалниот труд – нешто што е нормално кога се занимавате со уметност во други развиени земји.
Драмскиот текст може да постои и самостојно само во форма на текст, и како сценска изведба. Во кој момент се чувствуваш позадоволна: кога ќе го завршиш текстот или откако ќе ја видиш првата негова изведба?
– Задоволството е различно. Првиот процес е катарзичен за мене лично, како терапија после која излегувам променета, како ослободување од нешто што сум сакала да го кажам, преработам.
Додека изведбата во театар ми предизвикува задоволство на друг начин. Tоа е колективна еуфорија на создавање со целиот тим, возбуда и среќа кога ги гледаме реакциите на публиката.
За крај, едно прашање директно поврзано со претставата. Го замисли ли твојот „Нов свет“? Како изгледа тој?
– Горан Стефановски во една од своите драми на поетичен јазик зборува за новиот свет. Оттаму инспирацијата за насловот и изборот на призмата на гледање кон неговото творештво денес.
Велат, нашите животи се како коцка лед што се топи во вода. Однапред знаеме дека ќе завршат, но сепак ги живееме затоа што постои надежта. Авторите колку потрагично гледаат на светот и на своето постоење, толку повеќе посакуваат и веруваат дека светот може да биде поинаков.
Новиот свет – новата реалност која сакаме да ја видиме, треба да ја создадеме заедно. Од нас зависи дали ќе ја прифатиме различноста и ќе ја препознаеме како вредност, дали ќе научиме да не ги повторуваме грешките од историјата и дали ќе се поврземе, обединиме како општество и човештво.