вторник, 3 декември 2024

„Преспанскиот правопис“ не е ист за Македонија и за ЕУ

Од денешна перспектива, а и во времето кога се готвеше Преспанскиот договор, звучеа залудно предупредувањата на лингвистите дека со политички договор не може да се менуваат граматичките стандарди ниту на македонскиот, ниту на другите јазици.

Објавено на

часот

Сподели

А Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, склучен наводно за побрза македонска интеграција во НАТО и ЕУ, иако не ги исполни целосно таквите декларирани намери, се претвори во практична алатка за деноминирање на македонскиот национален идентитет. Кога станува збор за примената на одредбите од Преспанскиот договор, на Македонија и на македонските политичари од Грција, меѓународните, а особено од ЕУ-факторите се бара хиперкоректна употреба на принудно додадената географска одредница „северна“. Но кога европските, т.е. меѓународните фактори ќе се најдат во ситуација да се придржуваат до одредбите од истиот договор што ѝ го наметнаа на Македонија, тогаш изговорот го бараат во граматиките на сопствените јазици.

Имено, најчесто тоа им е првото и најлесно објаснување кога ја употребуваат придавката „северномакедонски“ говорејќи за македонскиот идентитет, народ, култура, историја, традиција, за државните функционери, институции, локалитети, производи… иако дури и со контроверзниот Преспански договор, преку членот 7, став 3 се гарантира македонскиот идентитет, со наводот: „Во однос на Втората страна, овие термини (се однесува на „Македонија“ и „македонски“) ја означуваат нејзината територија, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2“.

Иако од ЕУ редовно потсетуваат на „неприкосновеноста“ на Преспанскиот договор за Македонија, во практика редовно и (не)намерно го превидуваат конкретниот член 7, став 3, па дури и на веб-страницата на Делегацијата на ЕУ во Македонија се користи придавката „северномакедонски“.  Па така во насловот на текст за солидарноста на ЕУ за време на пожарите во Македонија се вели: Солидарност во акција: клучна помош од ЕУ во северномакедонската борба против шумските пожари“ ( Solidarity in action: crucial help from EU in North Macedonia’s fight against wildfires ).

Тоа е веројатно само еден од најновите примери во тенденцијата на европската политика „наивно“ да го подметне како логично, разбирливо и прифатливо – „северизирањето“ на придавката „македонски“.  Тоа се случува уште од првиот ден на објавувањето на текстот на Преспанскиот договор, уште пред да биде потпишан, па германските политичари таквата своја „навика“ ја оправдуваа со неразделноста на именките и придавките во нивниот јазик (?!), францускиот претседател Макрон со некакво посебно именување на народот (етникумот) и нацијата, а Грците и понатаму за сè што се поврзува со Македонија како именка и македонски како придавка велат – „скопиа“!

За волја на вистината, Министерството за надворешни работи на Македонија, уште на 22 февруари 2019 објави едно упатство за медимуите (кое сè уште стои на веб-страницата на МНР), како своевиден правопис според Преспанскиот договор. Во тоа упатство се наведува : „Придавката „македонски/o/a” да се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција“.

Па како правилни примери се наведуваат: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски народ, македонска историја, македонски планини, македонска литература, македонско кирилско писмо, македонска храна, македонски цркви итн.

Навистина во упатството на МНР, придавката „македонски“ е со почетна голема буква „М“, што е непотребно и неправилно според правописот на стандардниот македонски јазик, но веројатно идејата била да се нагласи моментот на „зачуван идентитет“, и покрај тоа што пред Македонија, според Преспанскиот договор секогаш треба да биде наведена и „Северна“.

Но и покрај големите букви во придавката „македонски“ во примерите на упатството од МНР, таа (придавката) по „преспанската директива“ исчезна од називите на институциите финансирани од буџетот на државата. Речиси сите институции што во своето име ја содржеа придавката „македонски/а/о“, преку ноќ станаа безимено „национални“, како на пример: Македонска опера и балет – Национална опера и балет; или се бараше форма да не се смени акронимот, па Македонската информативна агенција, стана „медиумска“, но го задржа акронимот МИА. Единствена институција која „легално“ го задржа македонското име е Македонскиот народен театар (МНТ). Едната верзија за „опстанокот“ на МНТ е дека оваа институција е поврзана со етничкиот и културен идентитет за народот – македонски, секако. Но се чини дека посилниот аргумент за опстанокот на името на Македонскиот народен театар е постоењето на Албанскиот и Турскиот театар, како театри на сепак, малцинските заеднци во државата, па дури и за ентузијастите во менувањето на името на институциите обезименувањето на народниот театар на Македонците, кои се мнозинство во Македонија, изгледаше како политички преризичен потег. Навистина и Македонската академија на науките и уметностите, па и Македонската радио телевизија сè уште во официјална употреба ја користат македонската придавка, но одвреме – навреме, како во некои европски извештаи се потсетува дека и овие институции се опфатени со Преспанскиот договор.

И покрај обидите на меѓународната заедница да си го прикаже себеси Преспанскиот договор како успешен проект и да ја убеди (или принуди) Македонија и Македонците да го прифатат, резултатите од неговото постоење во најголема мера се изневерени ветувања. Аргументите од видот, „дури и да не ви се допаѓаат, меѓународните договори треба да се почитуваат и спроведуваат“, треба да функционираат за сите инволвирани страни во договорот. Во случајот со Преспанскиот договор, тоа значи дека тој не е обврска само за Македонија и покрај сета асиметрија на договорот што ѝ е натоварена. Исто така значи дека и Грција, и ЕУ со нејзините институции треба да го пронајдат во текстот на Преспанскиот договор членот 7, став 3, кој исклучува креирање на некаков „северномакедонски“ идентитет, па колку и да се европските граматики посилни од уставите.

„Преспанскиот правопис“, кога веќе го напишале, треба да се чита исто и во Македонија, и во ЕУ!

 Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ