Договорот, како што денеска информира ПИОМ, го потпишале директорот на Фондот на ПИОМ, Никола Мемов и Винфред Пингера во име на австриските институции.
„Сакам да истакнам дека овој Договор е значаен напредок во нашата соработка и ќе овозможи поефикасна и побрза размена на податоци кои се од голема важност и ќе придонесе да се забрза процесот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување за граѓаните на Македонија и на Австрија“, истакнал Мемов.
Според Пингера, потпишувањето на договорот е голем чекор за корисниците и осигурениците.
„Овој чин покажува колку се добри нашите односи, колку е добро нашето заедничко работење. Со него им го олеснуваме остварувањето на правата на нашите осигуреници. Ова е важен чекор и се надевам не последен. Нашата соработка ни покажа дека можеме да работиме заедно, да си веруваме и да ја интензивираме идната соработка. Сакам да ви заблагодарам на вашата помош и придонес во потпишувањето на овој Договор, затоа што е многу важен, иако можеби не се опфатени многу луѓе, но за нив лично тој е и те како важен“, нагласил Пингера.
Договорот го регулира обемот и начинот на размена на податоците, како и нивната безбедност и заштита, што се од исклучителна важност за работата на институциите и за довербата во пензискиот систем.
Потпишувањето на овој Договор, како што оценил директорот на Фондот на ПИОМ, е една од клучните активности на Фондот во насока на подобрување на меѓународната соработка, особено преку воведување на електронската размена на податоци со која се зголемува ефикасноста, прецизноста и квалитетот на услугите.
Фондот на ПИОМ досега има потпишано договори за електронска размена на податоци со сите држави што произлегоа од поранешна Југославија.
„Сакам да истакнам дека имаме јасна визија во кој правец треба да се движиме како Фонд и оваа соработка е чекор напред што ќе го подобри квалитетот на услугите, ќе ја зголеми точноста на податоците и ќе помогне да се исклучат сите можни грешки. Очекувам во иднина да ја прошириме размената со институциите од Република Австрија и со други важни информации од интерес на двете страни. Убеден сум дека потпишувањето на овој Договор ќе придонесе во зајакнувањето на соработка и е во најдобар интерес на граѓаните на двете држави“, нагласил Мемов.
Во 2024 година, Фондот на ПИОМ исплатил пензии за 182 лица во Австрија во износ од 527,783,41 евра, а во 2025 година се исплатени 242 пензии во износ 653.097,74 евра. Од австриска страна во 2024 година се исплатени вкупно 2018 пензии во износ од 9.172.676,51 евра.






