сабота, 28 септември 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

За Сиригос и Хатзивасилиу Договорот од Преспа е договор за концепти, термини и имиња

Авторите на книгата „Договорот од Преспа и македонското прашање“, Анеглос Сиригос и Евантис Хатзивасилиу, во воведниот дел и првите неколку глави ги претставија основните и децениските постулати на грчката надворешна политика во однос по ова прашање, кои, пак, биле засновани на начелото, дека грчката држава „не барала монополизирање на македонската територија и нејзиниот идентитет - туку барала истите да не бидат монополизирани од некој друг“.

Оттука, како основа на ваквата стратегија, официјална Атина го покренала прашањето за името на нејзиниот северен сосед, а следователно на тоа и за името на нејзиниот народ. Грчката државна политика настојувала во името на македонската држава и народ да стои географска одредница, со што овие два субјекти не би се појавувале „како правни/легитимни застапници на поширокиот географски регион на Македонија, вклучително и грчкиот“.

Грчките професори сметаат дека „Договорот од Преспа е првенствено договор за концепти, термини и имиња“. Ако се земе предвид дека со Договорот е променето официјалното име на Р. Македонија во Република Северна Македонија, тоа според нив покажува дека територијата на македонската држава е само еден дел од пошироката географска област Македонија. Тргнувајќи од тоа дека кон името е вметната географска одредница („Северна“), тогаш за авторите е ирелевантна понатамошната дискусија по ова прашање, иако можело да се дискутира и за другите географски одредници (Горна, Нова, Македонија Вардар). Сепак, тие не испуштаат да додадат дека многу критичари на Договорот во Грција истакнувале „дека имињата ‘Северна/Јужна или Источна/Западна’ не се соодветни, затоа што, во меѓународната практика, тие се однесуваат на поделени нации и имплицираат дека истата нација живее од двете страни на границата“.

Основната загриженост на грчките професори сепак не е во името на државата, туку во името на нејзиниот народ. Имено, според нив, повикувајќи се на светската практика, „името на една земја го носи со себе и го дефинира името на нејзиниот ‘народ’. Овде не зборуваме за некаква дефиниција (или ‘диктат’) на националниот идентитет. ‘Народ’ на една држава се сите нејзини граѓани (т.е. оние што го добиле нејзиното државјанство), без разлика на нивниот национален идентитет… ќе забележиме дека во случајот со ФИРОМ, нејзиниот народ го сочинуваат Славомакедонци, Албанци, помали етнички или други малцинства, како и оние странци (на пр. Британци, Французи, Германци, Руси) кои добиле нејзино државјанство. Овој збир на граѓани го сочинува народот на државата. И оваа група граѓани на државата Северна Македонија, врз основа на глобалната практика, требаше да се дефинира како „Северномакедонци“. Но, реалноста, според Договорот, е проблемот кој што го детектираат Сиригос и Хатзивасилиу, т.е. „народот на Северна Македонија не е дефиниран како ‘северномакедонски’. Напротив, низа одредби во Договорот експлицитно предвидуваат (а всушност со потпис на Грција) дека жителите на Скопје (а особено Славомакедонци) ќе се нарекуваат себеси ‘Македонци’ (чисто), и затоа ќе бараат од меѓународната заедница да ги нарекува така“.

Во понатамошниот дел од оваа глава тие даваат правни и практични толкувања на одредени одредби од Преспанскиот договор, со што ја потврдуваат нивната теза за неповолната позиција на Грција по однос на ова прашање:

  1. Во членот 1 став 3б од Договорот од Преспа стои дека ‘државјанството’ на Втората страна (ФИРОМ) ќе биде ‘Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија’. Да оставиме дека терминот (nationality) може да доведе до други толкувања. Сè уште не е слушаното во меѓународен договор што заинтересираната страна (Грција) го испровоцира и го потпишува, да не се држи до едноставната и јасна дефиниција за државјанство/националност врз основа на името на државата (Северномакедонско), туку дозволува (иако паралелна/истовремена) употреба на терминот ‘македонски’ (чисто). Токму овие ‘недоразбирања’, кои водат кон монополизација на идентитетот и просторот, Грција сакаше да ги заврши со толку години преговори! Затоа се крена толкава гужва… И токму овие ‘недоразбирања’ Скопје сакаше да ги зачува…
  2. Никаде во Договорот не се споменува терминот ‘Северномакедонци’ за да го означи народот на државата Северна Македонија. Исто така, никаде не се спомнува терминот ‘македонски Грци’. Лидерите на ФИРОМ покажаа инзворедна претпазливост да не ги потпишуваат националните дефиниции кои би му припишувале таков термин на нивниот народ, а соодветен термин на народот на грчка Македонија. Лидерите на ФИРОМ, справувајќи се со нивното национално прашање, се покажаа како особено внимателни и никој не може да ги обвини за тоа. Во меѓународната политика, кога сте внимателни, победувате – дури и ако сте аутсајдери. И кога сте невнимателни, губите – дури и ако сте посилни.
  3. Дополнително, додека Договорот од Преспа предвидува дека терминологијата на Уставот на ФИРОМ каде што се споменува државата „Македонија“ (во „Северна Македонија“) ќе се промени, терминологијата за жителите на оваа држава не се менува соодветно: не се планира промена на фразите од Уставот на ФИРОМ за „македонски“ во „северномакедонски“ народ.
  4. Уште поинтересен е членот 7 од Договорот. Ова признава дека употребата на термините ‘Македонија’ и ‘македонец/македонски’ (во оригиналниот англиски: ‘Macedonia’ и ‘Macedonian’) се разликува во двете земји. Исто така, предвидува дека овие термини можат – легитимно – да се користат идентично од двете страни. Така, конкретно за случајот ПЈРМ се наведува (член 7 став 3):

„Во однос на Вториот дел (ФИРОМ), овие термини (т.е. ‘Macedonia’ и ‘Macedonian’, во потпишаниот англиски текст) значат територија, јазик, население и нивни карактеристики, со сопствена историја, култура и наследство, изразито различни од оние наведени во член 7(2)“.

Забележано е дека ‘оние споменати во член 7(2)’ се опишани како површина и население итн. ‘на северниот регион на Првиот дел’ (т.е. и Тракија? и Епир?). А не како „грчка Македонија“. Лидерите на ФИРОМ не ставија потпис на текст со кој експлицитно би го прифатиле терминот ‘грчка Македонија’. А од наша страна, од владите на СИРИЗА и АНЕЛ, веројатно не им било побарано такво нешто…

Интересно, многу аналитичари посочуваат дека Договорот не ја признава етничката припадност на ФИРОМ како македонска, бидејќи ‘државјанството’ во член 1 не е дефиниција за етничка припадност. Но, членот 7 став 3 не е дефиниција за „државјанство“. Нивната територија, јазик, население и карактеристики, со сопствена историја, култура и наследство, се класична дефиниција за етничката припадност. А оние кои инсистираат дека Договорот не признава ‘македонска етничка припадност’ цитирајќи го членот 1, веројатно не го прочитале членот 7, кој необјасниво го игнорираат. Договорот од Преспа во членот 7 јасно го дефинира не државјанството, туку идентитетот на ФИРОМ (‘историја, култура и наследство’), за што дозволува користење на терминот ‘македонски’. Негрижата на грчката страна е тешко да се опише.

Во оваа глава авторите на книгата се осврнуваат и одредбите од Договорот што се однесуваат на македонскиот јазик. Имено, тие го негираат тврдењето на тогашниот заменик грчки министер за надворешни работи, Јоргос Катругалос, кој тврдел дека членот 7 (5) од Договорот и дозволува на Грција да го нарекува јазикот славомакедонски. Овој пасус од Договорот гласи: „Ништо во овој Договор нема намера да оцрнува на кој било начин, или да ја измени или да влијае на употребата [на термините Македонија и македонци/македонски] од страна на граѓаните на секоја Страна. Сепак, грчките професори се „зачудени“ од ваквите изјави на Катругалос, толкувајќи го погорниот пасус на следниов начин:

  1. Во принцип, употребата се чини дека ги засега ‘граѓаните’, односно приватната употреба. Формулацијата остава сомнеж дали се однесува на употреба од страна на државите. ФИРОМ/Северна Македонија ќе бара од Грција својот народ да го нарекува македонски, а неговиот јазик македонски, без разлика на оваа одредба.

Б. Одредбата во никој случај не ги негира меѓународните димензии (вклучувајќи ги и меѓународните судови) на признавањето од Грција на ‘македонскиот’ (чисто) идентитет и јазик. Г-дин Катругалос тврди дека цел свет граѓаните на Северна Македонија ќе ги нарекува ‘Македонци’, додека Грција ќе може да ги нарекува поинаку.

В. Во 1991-92 година, кога избувна спорот за името, Скопје постојано ѝ сугерираше на Атина дека сите други да ја нарекуваат ‘Македонија’, а Грција да ги нарекува поинаку. Речиси три децении одговаравме дека со ваквото предлагање нè исмејуваат. И сега преку изјави на грчки министер се преправаме дека го прифаќаме токму ова и го тврдиме она што досега го карактеризиравме (а беше) потсмев.

Се потсетува дека членот 7 е она што во моментот на објавување на Договорот беше јавно објавено од грчката влада, бидејќи очигледно веруваше дека ги покрива грчките концерни! Не е само што згрешивме, па дури и е грешка од такви размери. И ние бевме горди на ова…

Заради важноста која грчките автори му ги придаваат на оваа прашање и со оглед на обемноста на нивната анализа, во наредниот текст ќе продолжиме со претставвуање на нивните ставови по однос на истите од оваа глава.

Димитар Љоровски Вамваковски

 

За Грција Договорот од Преспа е лоша зделка

 

„Македонија е една и грчка“ – историскиот пат до Преспанскиот договор

„Победници“, „Губитници“ и компромисни решенија: Што предвидува Договорот од Преспа?!?

Сoвременото „македонско прашање“ – опасност или фикција за грчката национална безбедност!?!

 

КОЛУМНИ

Соња Стојадиновиќ

 Денешните битки за утрешната безбедност

Ристо Цицонков

Клупи на кејот на Вардар, испариле?!

Рајко Пеколски

Климатска басна

Мурат Алиу

Национализмот како неизлечива балканска болест

Стефан Вељановски

Како да се подобри трговската структура на Македонија

Ристо Цицонков

Термоелектрани на јаглен, до кога?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ