сабота, 27 јули 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Македонија е една и грчка“ – историскиот пат до Преспанскиот договор

Книгата на грчките професори Ангелос Сиригос и Евантија Хатзивасилиу, „Договорот од Преспа и македонското прашање“, објавена во 2019 гoдина, претставува едно од појдовните точки на тоа како грчката држава историски го перцепира и дејствува во насока на решавање на ова, за неа, од стратегиска гледна точка, суштинско прашање во развојот на грчката национална политика и позиционирањето на официјална Атина во еден поширок балкански, па и европски, контекст на работите.

Имајќи предвид дека професорот (и политичар) Сиригос во последниот период во грчката општествена и политичка јавност се профилира како еден од врвните експерти за „македонското прашање“, особено неретеко искажувајќи ги и јавно своите ставови за Договорот од Преспа, сметаме дека е од круцијално значење пошироката македонска јавност, а особено македонската политичка, државна и пред сè дипломатска елита да биде запознаена со неговите погледи и ставови. Ова го кажуваме со цел да ги претставиме позициите и ставовите на Сиригос, кој многу често знае и да критикува одредени сегменти од Преспанскиот договор, да ги истакнува слабостите и негативните аспекти од истиот за грчката национална политика, но и да потенцира одредени делови кои ги смета за триумф на грчката држава во однос на ова прашање. Всушност, запознавајќи се со ставовите на Сиригос ние во голема мера се запознаваме и со денешната официјална политика на грчката држава во однос на одредени сè уште отворени прашања во врска со Договорот од Преспа.

Всушност, очигледно е влијанието кое грчкиот професор го има во креирањето на грчката политика во однос на ова прашање. Оттука, ако во иднина сметаме дека треба правилно и стратегиски да се однесуваме во насочувањето на интересите на македонската држава и народ во однос на овој проблем, неопходно е да се запознаеме како другиот гледа и дејствува во насока на зачувување и/или отстранување на аномалиите, од нивна гледна точка, на одредени делови од Преспанскиот договор.

Книгата е составена од вовед, чии ставови на авторите ги претставивме во претходниот текст (За Грција Договорот од Преспа е лоша зделка). Потоа следат 15 глави каде детално се анализираат сите сегменти од Преспанскиот договор, а на крајот се дава интегралниот текст на самиот договор. Првата глава или точка е насловена како „Висока стратегија и цели на Грција во Македонија, 1870-2018 година“. Во овој дел авторите даваат една кратка историска генеза за појавата и развојот на „македонското прашање“, пропратено со соодветна анализа за позициите и ставовите на официјалната грчка држава наспроти другите субјекти кои биле активно вклучени во неговиот развој.

Во самиот текст од оваа глава авторите се обидуваат да им реплицираат на оние кои во Грција го поддржуваат Договорот и кои сметаат дека во грчкото општество е создадена една погрешна перцепција дека „Македонија е една и грчка“ и со тоа целосно ја негираат употребата на терминот од соседните држави и народи. Оттука, тие (авторите) нагласуваат, дека „ставот за ‘една и грчка’ Македонија одвреме-навреме се истакнува од делови на [грчкото] јавното мислење. Тоа беше проектирано и од многу политичари како симболичка фраза. Но, грчката надворешна политика, официјално и организирано, не промовираше таков став. Со други зборови, поддржувачите [во Грција] на Договорот од Преспа ‘конструираат’ неточна слика, игнорирајќи ја официјалната политика на грчката држава. Тие бараат радикална промена на оваа политика со одговор на друга гледна точка, која никогаш не била став на грчката држава“.

Очигледно дека грчките професори сметаат дека претставува аномалија и лошо позиционирање низ историјата во креирањето на грчката национална политика во однос на овој став. Оттука, тие се обидуваат, иако историски тоа не можат да го поткрепат, дека всушност грчката политика и државните институции во грчкото општество не граделе слика дека „Македонија е една и грчка“.

Во понатамошниот текст од оваа глава е поместен еден краток историски развој на „македонското прашање“ од неговото појавување (втората половина на XIX век) до денес и како истото влијаело во историското градење на позициите на грчката држава во однос со спорот за името кое официјална Атина го наметна по осамостојувањето на Р. Македонија. Всушност, не само во оваа глава, туку и низ целиот текст преовладува ставот на авторите дека тогашната грчка влада на СИРИЗА и АНЕЛ направи голем број отстапки од позициите на грчката држава која таа историски ги градела скоро 150 години.

Главната теза на грчките професори во овој дел е да ја претстават Грција, по воспоставувањето на новите граници од 1913 година и приклучувањето на најголем дел од територијата на географска Македонија кон грчката држава, како жртва на останатите „играчи“ во „македонското прашање“ кои пројавувале иредентизам кон нејзините државни територии и/или се мешале во нејзините внатрешни работи.

Авторите сублимираат:

– „Токму затоа што се соочи со барањата на Другите во пошироката македонска област, Грција од 1913 година – со експлицитно поврзаните декларации на Елефтериос Венизелос – формулираше политика дека требаше да ја одржи стабилноста во следните децении. Таа секогаш настојуваше да обезбеди рамнотежа на силите на Балканот, за да не дозволи ниту една друга држава да ги загрозува грчките граници. Уште повеќе, Грција никогаш не дозволи некој друг да го монополизира идентитетот на географска Македонија – монопол кој фатално, во услови на Балканот, се претвора во територијална претензија, можеби дури и во авантура за македонскиот еленизам. Оваа грчка политика стана особено очигледна по Втората светска војна, кога се појави „национален“ македонизам од страна на Југословените, кој по дефиниција имаше за цел етнички и културолошки да ја бара целата географска Македонија, вклучително и грчката. Се додека југословенска Македонија остана во рамките на Југославија, аранжманите во врска со неа (на пр. основање југословенска федерална држава, унапредување на македонскиот јазик, основањето на македонска црква итн.) биле внатрешна работа на југословенската федерација, во која Грција немала право да интервенира. Интервенциите на Атина главно беа насочени кон тоа да не се покренува прашањето за македонско малцинство во самата Грција. Кога федералната држава ја прогласи својата независност во 1991 година со име (Република Македонија), тоа означуваше дека таа сака да се проектира како претендент на поширокиот регион. Грција сега имаше можност да реагира, што и го направи. Од истите причини, Грција постојано избегнуваше да признае етничко малцинство на нејзината македонска територија“.

– Затоа, од 1870 година (а уште посилно од 1913 година) Грција никогаш не се обиде да ја монополизира пошироката географска Македонија. Секогаш се трудела да не биде монополизирана од друг. Таа не го негираше постоењето на федерална Југословенска народна (подоцна Социјалистичка, а подоцна и независна) Република на македонскиот простор. Но, таа негираше дека е можно оваа Република да биде македонска (чисто), што автоматски ќе ја претвори во правен застапник на поширокиот македонски регион, вклучително и грчкиот. Грција не тврдеше дека грчките Македонци се единствените Македонци. Го признаваше постоењето на Бугаромакедонци, Славомакедонци (или Македонски Словени). Но, таа секогаш бараше да не се дозволи употребата на термините Македонија и Македонци (јасно) да означува друг народ од регионот. Во овој случај, овој другиот народ би се појавил како легитимен застапник на поширокото подрачје. Грчката позиција не беше воопшто чудна: грчка Македонија сочинува третина од грчката национална територија, а нејзиното население четвртина од грчкото население“.

Димитар Љоровски Вамваковски, 

професор на Институтот за национална историја

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ