„Младите кои се граѓански и политички ангажирани почесто разговараат за важните општествени теми и се вклучени во волонтерски активности во семејната и училишната средина, имаат поголемо искуство со работата на локалната и централната власт, но и со граѓанските организации, а се и повеќе едуцирани и свесни за влијанието на медиумите и дезинформациите врз општествените текови. Оттука, политичките институции, училиштата, граѓанските организации, медиумите и семејството, имаат приоритет во поттикнување на младинскиот активизам, што пак е предизвик за оние кои работат на едукацијата, социјализацијата и креирањето на политиките за младите“, пишува во соопштението на ИКС.
Во публикацијата пишува дека во семејствата на младите кои се помалку ангажирани, не се зборува често за општествено-политичките настани и тие не се насочуваат, ниту се притискаат да гласаат.
„Дискусиите и разговорите се поретки и во училиштата. Според младите, основното училиште нуди повеќе искуства за волонтирање и граѓански активизам, а средното училиште за политичка активност, но, тоа не е системски, па се остава на волјата на одредени наставници и професори во некои училишни средини, самоиницијативно да го поттикнуваат активизмот“, појаснуваат од ИКС.
Испитаниците ја потенцирале недостапноста и затвореноста на општините за барањата на младите, како и за тоа што се случува или се планира за нив. Речиси сите млади, се додава во соопштението, рекоа дека централната власт многу малку ги вклучува во креирањето на младинските политики и не придонесува за нивната граѓанска и политичка ангажираност.
„Медиумите, пак, се препознаени како блокирачи на активизмот заради преоптовареноста со политичко-партиски настани и несразмерното време и простор за други важни општествени теми, што би поттикнале некаква активност кај младите. Единствен светол пример се граѓанските организации за кои младите проценуваат дека успешно допираат до нив и го поттикнуваат нивното учество во јавниот живот“, се додава во соопштението.
Во публикацијата се препорачува медиумско ангажирање и описменување на младите за да бидат оспособени за критичко резонирање и борба против дезинформациите, со верба и сила да направат промени во општеството.
„Програмите за медиумска писменост мора да бидат постојано присутни и осовременувани, кои ќе вклучуваат и развивање на свесноста на младите за влијанието на социјалните медиуми и потенцијалните опасности од нивното прекумерно консумирање. Вложувањето во заедници и форуми во кои на безбеден и конструктивен начин ќе се разговара за општествено-политичките настани и медиумските содржини, треба да биде една од целите на образовните институции и граѓанските организации, за да се поттикне поголемо чувство на граѓанска должност и ангажман“, се наведува во соопштението.
Локалните младински совети, директното вклучување во процесите на донесување одлуки и одржувањето редовна комуникација преку училиштата и социјалните медиуми, се идентификувани од младите како ефективни стратегии со што централните и локалните институции ќе можат да ги ангажираат.
„Разновидноста во медиумското известување што одговара на различните вредности и преференции на младите, практикувањето на конструктивно новинарство кое се фокусира на решенија, наместо само на проблемите, како и балансираниот микс на негативни информации и позитивни приказни ќе придонесе кон подобрување на самодовербата и желбата на младите да учествуваат во граѓански и политички активности“, се додава во соопштението.
Раното вклучување во јавниот живот преку и со поддршка од семејството, како што се волонтирањето и излегувањето на избори, се посочува во соопштението од ИКС, исто така ќе има ефект врз граѓанскиот и политичкиот ангажман на младите.
ИКС го реализираше истражувањето за следење на вести, препознавање на дезинформации и граѓански ангажман кај младите луѓе на контролиран примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени), спроведувајќи теренска анкета и три фокус-групи во периодот од декември 2023 до март 2024 година.