понеделник, 14 октомври 2024

Рено Р17 – ретро дизајн со модерен електричен шмек (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Ако малите работилници и гаражи можат да реставрираат и модифицираат класични автомобили со одлични резултати, Рено е спремен да докаже дека и голема автомобилска компанија го може истото, создавајќи модерен автомобил од купето рено 17 од 1970-тите.

Објавено на

часот

Сподели

За да го внесат дизајнот на легендарното купе во модерниот свет, дизајнерите на Рено соработувале со францускиот дизајнер Ора Ито. Автомобилот има слични димензии на оригиналот, но каросеријата е изменета. Резултатот е совршен спој на новото и старото, но за жал нема да влезе во сериско производство.

Повеќе ги нема кружните фарови на оригиналот, а на нивно место се тенки ЛЕД светла со суптилна жолта боја. Префрлањето на електричен погон им овозможило на дизајнерите да ја елиминираат традиционалната предна решетка, заменувајќи ја со тенок, рамен панел.

Особено се интересни тенките предни столбови на покривот и малите странични ретровизори, како на оригиналниот модел. Тркалата се исто впечатливи.

Ентериерот е уметничко дело. Двокракиот волан веднаш се истакнува. Исто како и дрвената лента на инструмент-таблата, а како и во оригиналниот рено 17, пред возачот има четири големи инструменти. Разликата е што сега дигиталните инструменти се квадратни, и секој има мал екран.

За да биде рестомод, мора да има сериозни механички промени. 1,6-литарскиот четирицилиндерски мотор кој ги погонуваше предните тркала е заменет со електричен мотор кој дава 270 коњски сили на задните тркала.

„Сакав да го облечам рено 17 во втора кожа, да го истакнам дизајнот давајќи му посовремен изглед во смисла на динамичноста и рационалноста преку мојот пристап кон дизајнот, и мојот личен потпис – едноставноста. Сакав да ги поедноставам посложените аспекти“, кажа Ора Ито опишувајќи го уникатниот автомобил.

Рено планира да го покаже автомобилот на повеќе настани оваа година, вклучувајќи го автомобилскиот саем во Париз.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ