сабота, 27 јули 2024
Димитар Љоровски Вамваковски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Сoвременото „македонско прашање“ – опасност или фикција за грчката национална безбедност!?!

Во претходните два текста, анализирајќи ја книгата на грчките професори Ангелос Сиригос и Евантис Хатзивасилиу, „Договорот од Преспа и македонското прашање“, на пошироката македонска јавност им ги претставивме погледите и анализите на авторите во однос на општите постулати на „македонското прашање“, неговиот историски развој и патот до Преспанскиот договор. Во овој дел ќе се осврниме на втората точка, од петнаесетте, во оваа книга. Грчките професори ја насловиле оваа глава: „Современите теми од грчки интерес за македонското прашање“.

Најнапред, согледувајќи го општото јавно мислење во Грција и очигледната рамнодушност на мнозинската тамошна јавност по оваа тема, тие поставуваат неколку прашања, на кои подоцна се обидуваат да понудат одговори. Па така, грчките професори се запрашуваат: „Од што треба да се плаши Грција денес во врска со македонското прашање? Ова е аргумент што често го слушаме во јавната дебата. Значи, кои се темите од грчки интерес денес? Има ли такви работи или дискусијата за грчките интереси за македонското прашање одразува застарен и одминат – ако не и националистички став?“.

Авторите детектираат две значајни прашања кои денес се од национален интерес за грчката држава во однос на „македонското прашање“. Првото, балканската рамнотежа и безбедност; второто, потребата да се обезбеди човековото право на самоопределување – идентитетот (национален и локален) – на грчките Македонци.

Во однос на првото прашање тие сметаат дека грчката политичка елита и пошироката јавност го потценуваат северниот сосед, аргументирајќи дека македонската држава е економски слаба, опфатена со фундаментална демографска несигурност (постоењето на големо албанско малцинство) и оттука таа никогаш нема да биде во можност да ја загрози безбедноста на Грција – членка на НАТО и ЕУ. Сепак, Сиригос и Хатзивасилиу не го потценуваат ова прашање и најнапред нудат една поширока анализа во тој контекст: „Во едно меѓународно прашање со толку голема историска длабочина и истрајност, кое всушност еволуира во однос на децении (а не години), единственото безбедно решение, но и единственото кое може да гарантира непречен процес на помирување на народите од областа е искрено, точно и јасно решение. Грција постојано бараше договор меѓу инволвираните држави во македонското прашање, дека секоја од трите држави е само еден дел од пошироката географска област на Македонија, а нејзините народи се само еден од народите кои подеднакво ја населуваат. Секое друго ‘решение’ (особено она што дозволува монополизирање на концептите и идентитетите од страна на еден дел) е несигурно, но и ќе се заканува да спречи дефинитивно нормализирање на односите меѓу нив. Затоа, Грција прифатила, од 1913 година, дека делови од пошироката географска Македонија биле вклучени и во Бугарија (Пиринска Македонија) и во Србија/Југославија, секој со своите жители. Но, таа не ја прифати ексклузивната и монополистичка употреба на терминот Македонија од страна на соседните држави и нивните народи, со што индиректно или веднаш ќе се покренат нивните претензии кон грчко-македонската област“.

Потоа следи ново реторичко прашање, на кои повторно нудат одговори преку свои согледувања. „Дури и така – ќе речат многумина. Каква закана може да претставува малиот народ на ФИРОМ за ‘европска Грција’? Дали претеруваме?“ Одговорот на професорите е категорично негативен, дека нема никакви претерувања, туку едноставно дека се работи за стратегија, меѓународни односи и за националната безбедност на Грција. „Монополизацијата на македонското име повлекува претензија на целата македонска област, вклучително и на грчкиот дел. Ова е прашање на принцип, а неговата сериозност не зависи од тоа дали барателот е моќен или не. Ниту една сериозна држава не се одлучува да игнорира барање против неа затоа што го смета барателот за слаб! Ниту, пак, Грција е толку силна за да ги игнорира тврдењата на нејзините соседи, дури и ако тие се помалку моќни од неа; а сегашната привремена ситуација не може да го диктира нашиот став во прашање што покажа таква историска истрајност. Но, згора на тоа, погрешно е да се остане на статичен начин во споредба со БДП или воените сили на Грција и ФИРОМ за да се заклучи дека нема (и нема да се покренува во иднина) прашање за нашата земја. Така не функционираат работите на Балканот“.

За да ги поткрепат своите ставови, тие на помош ја повикуваат балканската историја, а се цел да покажат дека не секогаш посилниот „победува“. Од многубројните примери што ги нудат, тука ќе го претставиме најактуелниот, т.е. оно кој што се случи само пред две децении: „Во 1999 година, косовските Албанци беа ослободени од српската власт: но тоа не беше затоа што косовските Албанци ја поразија српската армија, туку затоа што се случи голема меѓународна интервенција и војна против Југославија/Србија и во нивна корист. Другите ја поразија Србија во име на косовските Албанци… Со други зборови: она што е важно во балканските работи не е само секогаш релативната моќ на балканските држави (т.е. нивната компаративна моќ), туку и моќта на нивните меѓународни покровители сојузници. Во балканската историја има многу случаи каде што преовладувал помалиот и послаб фактор бидејќи бил поддржан од големи сили кои биле посилни од неговиот противник. Ова не се случи само еднаш. Тоа се случува постојано на Балканот“.

На крај, сублимирајќи го овој дел, а во однос на „опасноста и заканите“ по грчката национална безбедност кои би ги предизвикале нерешеното „македонското прашање“, авторите заклучуваат: „безбедносниот проблем предизвикан од македонското прашање се заснова на позицијата на ФИРОМ да го монополизира целиот македонски идентитет и македонскиот простор. Доколку овој фактор е присутен, релативната сила на Атина-Скопје е клучен елемент, кој мора да се земе предвид, но воопшто не е предвидено дека ќе се покаже како катализатор во сите сценарија. А сериозната држава, кога крои национална политика, мора да ги земе предвид сите сценарија, не само оние што и одговараат затоа што е уморна да се занимава со тоа прашање.“

Во однос на второто прашање кое го разгледуваат авторите, односно „интересот да се обезбеди човековото право на самоопределување на грчките Македонци“, тие повторно сметаат дека има одредени недоразбирања и нејаснотии во грчката јавност: „Многумина (дури и внатре во земјата) ја обвинуваат Грција дека долго време му го негирала правото на самоопределување на словенскиот народ во ФИРОМ, бидејќи не му го признала правото да се нарекуваат Македонци (чисто). За среќа, продолжуваат истите критичари, со Договорот од Преспа Грција се исправа оваа грешка, бидејќи оtсега ќе им биде дозволено“.

Со цел да биде автентично пренесено толкувањето на грчките професори во однос на ова прашање, а кое во понатамошниот дел од книгата тие го детектираат како еден од клучните проблеми и пораз на грчката држава во однос на Преспанскиот договор (признавање од грчка страна на постоењето на етничките Македонци), истото ќе го пренесеме во целост:

„Тука има проблем. Ако жителите на ФИРОМ се ‘Македонци’ (чисто), очигледно е дека грчките Македонци речиси исчезнуваат на ниво на култура и самоидентификација; затоа што, во овој случај (се додека се етнички Македонци – сигурно – ќе има и други), ќе биде донесено во прашање македонството или самата грчкост на македонските Грци, кои треба да имаат право да се изјаснат дека се тоа: и Грци и Македонци. Се надеваме дека нема да има приговор за нашиот став дека Грците, сепак, треба да имаат и човекови права – а не само другите.

Многумина тврдат дека грчките Македонци се етнички Грци и затоа не треба да се декларираат како Македонци. Ова е уште еден чуден случај. Човек треба да мисли дека е Бог или Сталин за да сам одлучува како ќе се дефинираат грчките Македонци или сам одлучува дека не треба да се дефинираат како Македонци, затоа што во светската историја на човештвото само Бог или Сталин би се осмелиле да бараат авторитет да одлучуваат за такво нешто.

Не постои држава во светот што не би го заштитила правото на припадниците на својата нација на нивниот локален/регионален идентитет, тоа е прашање на достоинството на таа држава. Или попрецизно – со Договорот од Преспа, Грција станува првата држава во Светот која покажа дека не го почитува националниот и регионалниот идентитет на припадниците на својата нација. И тоа е затоа што, како што ќе се покаже, со Договорот од Преспа, Грција прифаќа друг народ да се нарекува ‘Македонци’ (чисто), додека грчка Македонија е една третина од грчката национална територија, најголемиот дел од географската Македонија и македонските Грци се над четвртина од грчкото население.

Во пракса, особено кога се разгледуваат денешните грчки интереси во поширокиот регион, поддржувачите на Договорот од Преспа некритички и опасно ги потценуваат Славомакедонци од ФИРОМ и силата на нивниот национализам. Усвојувајќи крајно арогантен став, заснован на сегашниот релативен просперитет на Грција, тие го сметаат соседниот народ (но веројатно и Бугарите) за недостојни противници. Конечно, тие го потценуваат до степен да го игнорираат основното, човеково право на самоопределување на грчките Македонци. Овде, пак, прават стратешка грешка. Грција не е меѓу Белгија и Холандија; лоцирана е во еден од најтурбулентните региони на планетата. И трагична грешка е Грција да ја потценува динамиката на еден балкански национализам затоа што низ призмата на нејзината ароганција смета дека не е загрозена од Славомакедонците во ФИРОМ, бидејќи се малку и сиромашни. Балканската динамика никогаш не функционирала на тој начин.

Конечно, добро би било Грција да не покаже (како што тоа го прави со Договорот од Преспа) дека не се држи до своите 150 години стари црвени линии. Ова ризикува да ги охрабри нејзините други соседи (кои не се Белгија и Холандија, туку Турција) да го засилат притисокот врз неа. И ова е клучен елемент на грчкиот интерес поврзан со македонските и балканските работи“.

Димитар Љоровски Вамваковски

„Македонија е една и грчка“ – историскиот пат до Преспанскиот договор

 

За Грција Договорот од Преспа е лоша зделка

 

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ