сабота, 6 јули 2024

Ураганот Берил ги опустоши Карибските острови, најмалку седум жртви (ВИДЕО)

Најмалку седум лица загинаа на југоисточниот дел на Карибите кога ураганот Берил, најсилниот од ваков вид досега забележан во овој период од годината, предизвика хаос на неколку острови.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Силата на овој прв ураган сезонава во Атлантикот вчера беше намалена на категорија четири, од највисоката категорија пет, со ветришта над 252 километри на час и „потенцијални катастрофални последици“ што ги имаше вчера и во понеделникот.

Во Венецуела загинаа три лица како последица на ураганот, уште најмалку три загинаа во Гренада, која во понеделникот ја погоди ураганот, како и едно лице во Сент Винсент и Гренадини.

„Во среда во текот на денот и навечер во областа на Јамајка и Кајманските Острови се очекуваат разорни ветрови, потенцијално смртоносни бранови на вода и штетни бранови“, соопшти синоќа американскиот Центар за урагани (НХЦ). Како што се додава, ураганот е придружен со ветрови со брзина од 250 километри на час.

Директорот на НХЦ, Мајкл Бренан, рече дека добрата вест е што Берил почнал малку да слабее, но тој сепак го окарактеризира како „исклучително опасен“.

Премиерот на Јамајка, Ендрју Холмс ги повика жителите да направат резерви на храна, батерии, свеќи и вода и да се засолнат на безбедно место со своите лични документи.

Предупредувања за урагани се издадени и за Кајманските Острови, кои се очекува вечерва да бидат погодени од ураганот Берил, соопшти Американскиот центар за урагани.

Берил, исто така, ќе го погоди јужниот дел на Хаити и ќе стигне до полуостровот Јукатан во Мексико во ослабена форма во четврток навечер.

„Јасно е дека климатските промени предизвикуваат катастрофи до нови рекордни нивоа на уништување“, изјави шефот на ОН за клима, Сајмон Стил.

Тој рече дека климатската криза оди од лошо кон полошо и побрзо од предвиденото, поради што се потребни поамбициозни климатски активности од страна на владите и компаниите.

Берил е првиот ураган сезонава во Атлантикот. Климатски феномен од ова ниво е многу редок толку рано во сезоната на урагани, која трае од почетокот на јуни до крајот на ноември во САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ