среда, 3 јули 2024

Светска банка препорачува итни активности за ублажување на климатските промени во Македонија

Македонија, како и останатите земји од Западен Балкан, се соочуваат со сѐ поголеми предизвици од природни опасности кои влијаат на животите, го попречуваат растот и ги оптоваруваат јавните финансии. За да се подготви за овие закани поврзани со климатските промени и да продолжи со пристапувањето во Европската Унија, земјата треба да преземе низа на реформи, се вели во Извештајот на Светска банка.

 

Објавено на

часот

Сподели

Според Прегледот за климатски јавни финансии на Северна Македонија подготен од Светска банка, во изминатите 50 години, Македонија забележа значителен пораст на бројот на поплави, екстремни топлотни бранови, пожари и обилни врнежи. Само во последните две децении, земјата се соочи со 12 катастрофи поврзани со климатските промени кои погодија 1,3 милиони луѓе. Со раст на глобалното затоплување, се очекува ситуацијата да се влоши во наредните години.

„Се очекува климатските влијанија да се интензивираат заедно со емисиите на стакленички гасови, со што земјата ќе биде потопла и посува, и ќе се соочи со почести и посилни поројни дождови кои ќе доведат до поплави “, рече Масимилиано Паолучи, директор за Канцеларијата на Светска банка за Косово и Северна Македонија. „Преземањето итни активности за ублажување и прилагодување на климатските промени е приоритет, но бара нов сет на политики и значителни инвестиции“.

Извештајот ја нагласува важноста од паметните фискални политики за апсорпција на загубите поврзани со климатските промени и поддршка на одржлив економски развој. Даночната политика, на пример, би можела да го поттикне зелениот транспорт и одржливите технологии, со отстранување на крајните субвенции за електричната енергија на јаглен, а истовремено да ги заштити ранливите домаќинства од зголемените трошоци за енергија. Означувањето на буџетот за климатските промени и процесите на зелени набавки може да ги намалат економските трошоци и да ги заштитат јавните финансии.

Извештајот ја нагласува потребата Македонија брзо да воведе цена на емисии на јаглероден диоксид за да ги ограничи емисиите на стакленички гасови и да собере значителни приходи за државниот буџет, потенцијално до 730 милиони евра годишно. „Приходите од цените на емисиите на јаглероден диоксид би можеле да ги поддржат домаќинствата и бизнисите за време на многу потребната зелена транзиција и да обезбедат заеднички придобивки како што се подобрување на квалитетот на воздухот и здравјето “, рече Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист во Светска банка и автор на извештајот.

Со оглед на тоа што Македонија има за цел да се приклучи на ЕУ и да се усогласи со нејзините цели за нула емисии, извештајот ја нагласува важноста за поддршка на зелената транзиција на земјата преку мерки на фискалната политика.

„Како што Европската Унија продолжува да спроведува реформи кои даваат приоритет на зелените производи, ќе се намали конкурентната предност на увезените стоки кои имаат високи емисии и не платиле цена за емисиите на јагледоден диоксид “, рече Џозеф Прајор, виш специјалист за климатски промени и автор на извештајот. „Ова би влијаело врз Северна Македонија, имајќи предвид дека Европската Унија е нејзиниот најголем трговски партнер”.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ